Лукшиќ: Со западнобалканската шесторка побрзо до ЕУ, а не кон обнова на Југославија

Од:

Шефот на црногорската дипломатија Игор Лукшиќ изјави дека неговата иницијатива за западнобалканската шесторка е насочена во правец на тоа земјите од регионот, преку соработка, подобро да се подготват за идното членство во Европската унија, а не во насока на обновување на Југославија.

Иницијативата за Западнобалканската шесторка ги опфаќа Македонија, Црна Гора, Косово – кому не се прејудицира статусот имајќи ја предвид Резолуцијата 1244 на ОН, Албанија и Босна и Херцеговина.

– Следниот бран проширување ќе дојде најмалку за седум-осум години. Тој период можеме да го искористиме на начин што ќе поттикнеме процеси и ќе им помогнеме на граѓаните да живеат подобро или едноставно да чекаме тој период да мине. Јас сум за првата варијанта, овие шест држави да го искористат времето за што подобра подготовка за членство во ЕУ, вели Лукшиќ за „Дневне новине“.

Тој објасни дека неговата иницијатива пред се опфаќа соработка на државите од Западен Балкан во три области: вложување во инфраструктура, намалување на трансакциските трошоци за стопанството и борба против организираниот криминал.

– Верувам дека ќе биде полесно да се убеди ЕУ да ја зајакне западнобалканската инвестициска рамка доколку покажеме дека еднакво ни е грижа за развојот на другите земји од регионот, а не само на сопствената, вели црногорскиот министер.

Лукшиќ наведува дека заедничките инфраструктурни проекти можат полесно, отколку единечните, да најдат пат до фондовите на ЕУ. Намалувањето на трансакциските трошоци е добра препорака на патот на државите кон ЕУ. Неодамна е укината роаминг тарифата на просторот на ЕУ. Зошто и ние во нашите земји да не ги намалиме трансакциските трошоци и така да им помогнеме на граѓаните, прашува Лукшиќ.

Што се однесува на заедничката борба против организираниот криминал, шефот на црногорската дипломатија објаснува дека не станува за балканска полиција, туку канцеларија или центар за размена на информации со цел полесно да се соочат земјите со проблемот на организираниот криминал.

Лукшиќ вели дека неговата иницијатива, благодарејќи на одредени медиуски интерпретации отишла во погрешна насока, односно обновување на Југославија или слично, што, како што вели, е сосема погрешна теза.

– Не спаѓам во југоносталгичарите и се согласувам со оценките дека таа држава имаше грешка во конструкцијата. Нам ни треба поврзување преку ЕУ, но тоа можеме да го постигнеме ако покажеме дека ова не е Балкан од врежаната перцепција, наведува Лукшиќ.

Би можело да ве интересира

Полициска рација во просториите на црногорската Агенција за сузбивање на корупцијата

Инцидент во Бар: Со нож го нападнал сопствениот брат, уапсен е за обид за убиство

Во престрелка во Црна Гора е убиен 29-годишен маж

Горан Наумовски

По силниот, уште два помали земјотреси ја погодија Црна Гора: „Силно се почувствува во Никшиќ“

Горан Наумовски

Силен земјотрес во Црна Гора

Нов земјотрес e регистриран во Црна Гора