Балканските земји во изминатото деноноќие достигнуваат троцифрени броеви на нови случаи на Ковид-19. Премиерот на Косово, Авдулах Хоти, најави прогласување на вонредна состојба поради се поголемиот број случаи на коронавирус.
Во Србија денеска има 345 новозаразени со коронавирусот, а починале 12 лица. На респиратор се 130 пациенти, а вкупниот број на активни случаи изнесува 3.911, објавено е на веб-страницата на српското Министерство за здравство.
Во Хрватска се регистрирани 140 нови случаи, што е досега рекорден број за земјата, а починало едно лице.
Националниот штаб за цивилна заштита на Хрватска соопшти дека во земјата има 1.088 активни случаи, од кои 124 пациенти се во болница, а тројца се на респиратор.
Босна и Херцеговина денеска регистрира 316 нови случаи на Ковид-19 и три смртни случаи.
Во Албанија исто така расте бројот на новозаразени, денеска се регистрирани рекордни 93 случаи и четворица починати од Ковид-19.
Вчера во Словенија имаше 34 нови случаи на Ковид-19, а во Босна и Херцеговина 317 новозаразени. Грција вчера имаше 60 нови случаи.
Во Бугарија вчера имаше 292 нови случаи на Ковид-19, а починаа тројца.
Македонија вчера исто така достигна рекорд од почетокот на пандемијата со 205 нови случаи на Ковид-19, а шестмина починати.