Косово само споредна тема во кампањата

Од:

Данас – Белград

Иако и власта и најголемиот дел од опозицијата и натаму истакнуваат дека Србија нема да ја признае независноста на Косово, косовското прашање нема голема важност во оваа изборна кампања.

Како што оценуваат за „Данас“ политичките експерти, Косово го засенија други теми, пред се односот кон европските интеграции на Србија и ветувањата за „подобар‟ живот на граѓаните.

Никола Буразер, програмски директор на Центарот за современа политика, оцени дека е очигледно отсуството на прашањето за Косово од оваа изборна кампања. Тој потенцира дека тоа не треба многу да не чуди, бидејќи Косово не претставуваше важна тема ни во последните две кампањи за парламентарните избори во 2012 и 2014 година, а „познато е и дека интересот на гласачите за косовската политика е многу намален во последните години‟.

– Партиите на проевропската опозиција не се во можност да ја критикуваат политиката на Владата кон Косово, бидејќи таа претставува логично продолжение, па дури и исчекор во однос на политиката на Владата на Цветковиќ. Дури и острите критичари на Александар Вучиќ немаат избор освен јавно да ја поддржат неговата политика кон Косово. Тоа не е поради тоа што на оваа политика нема што да и се забележи, туку поради тоа што тоа би било политички непринципиелно и многу слабо би поминало кај нивните потенцијални гласачи, констатира соговорникот на „Данас“.

Буразер укажува дека што се однесува до десницата „интересно е дека противењето на ЕУ и НАТО интеграциите, како и протестите поради хашките пресуди, речиси во целост го засенија Косово како значајно прашање‟.

– Зошто е тоа така тешко е да се одговори, но веројатно е последица од тоа што гласачите се уморни од прашањето за Косово и свесни се за ограничените можности на Србија да направи нешто повеќе од тоа што беше постигнато со Бриселскиот договор, заклучува тој.

Александар Попов, директор на Центарот за регионализам, вели за „Данас“ дека Косово како тема е застапено единствено кај т.н. „патриотски партии‟, кои ја обвинуваат власта дека ги предала српските интереси, но дека тоа не се спомнува ни на партиските билборди ни во предизборните дуели.

– Во оваа кампања се кршат копја околу теми како ЕУ интеграциите, во чиј контекст се спомнува алтернативата „Брисел или Русија‟, како и околу прашањата дали граѓаните утре ќе имаат леб и работа, додека темата Косово е во длабока сенка. Ако ги оставиме настрана имињата на партиите, се стекнува впечаток како сите да го нудат истото, т.е. за тоа што мислат дека ќе помине кај гласачите, а тоа е подобриот живот. Но, кога поминуваат кампањите резултатот е дека таквите ветувања биле нереални, укажува Попов.

Би можело да ве интересира

Маж во Косово почина по семејно насилство: Синот е осомничен дека го претепал

Ховениер: Косово да ги исполни сите свои обврски

Инцидент во Косовска Митровица, двајца прободени со нож по финален натпревар

Пеќ: Ранети се три лица, по напаѓачот е распишана потерница

Горан Наумовски

Припадничка на косовската полиција е пронајдена мртва во куќа во Гњилане

Непознати лица упаднале и напишале графити во црквата Света Троица кај Пеќ