Истанбул: Со туристите патува и стравот

Од:

Дојче веле – Бон
И по терористичкиот напад на германските туристи во Истанбул илјадници Германци патуваат во Турција. Но, со нив патува и стравот. Во аеродромите во Германија нудат психолошка помош на тие што одат и на тие што доаѓаат од Турција. 

Нервозна жена вработена во аеродромот Berlin Tegel чека на излезот А1. Од рано наутро е на должност и на секој патник кој стигнува од Истанбул таа нуди психолошка помош. „Тие кои го доживеаја и преживеаја терористичкиот напад би можеле да бидат во еден од авионите кои слетуваат‟ – вели таа. Но, во авионот кој штотуку пристигна од Истанбул немаше никој кој директно го доживеал терористичкиот напад. Десетици патници излегуваат од безбедносната зона на аеродромот, како и обично.

Меѓу нив е и Етифе Шафер. Таа е со потекло од Турција, но веќе пет години живее во Берлин. На прашањето во врска со терористичкиот напад во Истанбул таа се расплака: „Навистина сум тажна и шокирана. Овој напад ги погоди двете страни од мојот свет Турција и Германија‟. Плоштадот султан Ахмет пред Сината џамија, на кој во вторникот загинаа десет германски туристи, било омилено место на Етифе Шафер во тој град. Кога и да ја посети својата татковина, таа прво оди таму. Етифе вели: „Пред само неколку дена бев таму. Шокирана сум, тоа беа невини туристи‟.

Ретки патници ги сторнираат патувањата

Неколку минути подоцна од безбедносното подрачје на аеродромот излегува Роберт Крог. „Тоа што се случи, тоа е страшнјо, без оглед каде се случи. Сеедно е што нападот се случи во Истанбул. Моментално само се чека кога ќе се случи нешто страшно. Било во Истанбул, во Париз или тука во Германија‟. Крог е прекинат од гласно предупредување преку разгласот. „Внимавајте на својот багаж‟ – зборува глас и укажува на засилени мерки за безбедност.

Атмосферата во аеродромот е тензична. Полицајци поминуваат по ходниците, вооружени со автомати. Поради засилената безбедност од страна на силите за безбедност човек почнува да се чувствува непријатно.

На шалтерот на Туркиш Ерлајнс прифаќањето на патниците и багажот функционира како и секој друг ден. Еден претставник на таа авионска компанија објаснува дека нема необично многу сторнирања. По нападот во Париз било многу полошо. За турските туристички работници тоа е добра вест. Околу 5,5 милиони Германци лани ја посетиле Турција. Од ниту една друга земја толку многу туристи не дошле во Турција.

Лошо спиела

Многу патници кои сега патуваат кон Истанбул велат дека не се плашат. Но, велат дека ќе ги следат упатствата на германското Мин. за надворешни работи и ќе избегнуваат масовни собири на луѓе на јавни места или во близина на туристички знаменитости. „Всушност сакав да посетам многу архитектонски знаменитости и да одам во шопинг‟ – вели германската Турчинка Нулс Свадина. „Но, тоа сега се промени‟. Таа е изненадена од терористичкиот напад во Истанбул, очекува дека следна цел на напади може да биде Берлин. „Секогаш на моите деца им зборувам да се држат подалеку од големи собири на луѓе. За нив во последно време многу сум загрижена‟.

Зад неа во ред стојат Денис и Луиза. Овој пар заедно со уште двајца пријатели имаат намера да поминат неколку дена во Истанбул. Се обиделе да го откажат патувањето, но со оглед на тоа дека се работи за многу ефтина понуда, тоа не било можно. „Минатата ноќ лошо спиев‟ – вели Луиза.

Омразата и религијата

Уште еден авион од Истанбул штотуку слетува. Со букет рози Мустафа Кадем ја чека својата сопруга, која при враќање од Ирак на кратко го посетила Истанбул. Од 1970-тите овие сопружници живеат во Берлин, неговата сопруга во својата татковина ја посетила нејзината болна мајка.

„Ги мразам тие страшни злосторства кои во последните години се случуваат во име на мојата религија‟ – вели Кадем. „Сите тие луѓе кои се дигаат во воздух, тоа за мене не е ислам‟. Покрај Кадем и другите кои ги чекаат патниците се уште стои психологот на аеродромот. Таа денес ќе ги чека сите летови од Истанбул. Бидејќи, можеби некој од патниците ќе побара нејзина помош. 

Би можело да ве интересира

Спасени сите кои беа заробени на жичарницата во Анталија

А1он

На протестите во Турција загина маж, четири лица се повредени

Откриена причината за пожарот во ноќен клуб во Истанбул во кој загинаа 29 лица

(ВИДЕО) Голем пожар во Истанбул, најмалку 15 загинати

Горан Наумовски

ЕУ воведе забрана за летови на турската „Саутвинд Ерлајнс“ поради врски со Русија

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Опозицијата во Истанбул со „Јутро је“ ја славеше победата на изборите

Горан Наумовски