ЕУ воведе забрана за летови на турската „Саутвинд Ерлајнс“ поради врски со Русија

Од:

ЕУ воведе забрана за летање на турскиот авиопревозник „Саутвинд Ерлајнс“ на територијата на Унијата, поради „загриженост за сопственичката структура и оперативната контрола на компанијата“ базирана на сознанијата дека таа е во сопственост на субјекти од Русија.

Авиокомпанијата „Саутвинд Ерлајнс“, која првенствено лета на домашни и на релации од Турција кон Русија, имаше авиолинии и кон неколку европски земји, меѓу кои и Северна Македонија, Белорусија, Германија, Грција, Италија, Молдавија и Швајцарија, како и кон Блискиот Исток и Казахстан.

Компанијата е со седиште во Анталија, а како нејзин сопственик е регистрирана турската фирма „Кортекс Хаваџилик ве Туризам Тиџарет“.

ЕУ на 28 минатиот месец ги известила сите земји членки на Унијата дека се воведува забрана за летови на „Саутвинд Ерлајнс“ на територија на блокот врз основа на Регулативата на Европскиот совет за рестриктивните мерки поврзани за активностите на Русија со кои се дестабилизира ситуацијата во Украина (Бр. 833/2014). Ваквото известување следуваше откако три дена претходно воздухопловните власти на Финска и забранија на компанијата прелети преку финска територија.

Според раководителот на финската транспортна агенција Трафиком, Јарко Саримаки, нивните проценки укажуваат дека „значителен дел од сопственоста и ефективната контрола не е на турски поединци или компании“.

– Заклучивме дека авиокомпанијата и нејзината контрола се поврзани со руски играчи, изјави Саримаки за турското специјализирано списание „Туризам Ѓунџел“.

По одлуката на ЕУ, Здружението на руски тур-оператори во саботата соопшти дека се откажуваат летовите на „Саутвинд Ерлајнс“ до руската енклава Калининград, бидејќи авионите мора да ја прелетуваат територијата на ЕУ.

Сезонските и чартер-летовите во текот на летната сезона годинава од Скопскиот аеродром ќе бидат до: Анталија, Бодрум, Хургада, Енфида, Џерба и Монастир, со авиокомпаниите – Anadolu Jet, AMC Airlines, BH Air, Freebird и Nouvelair.

Би можело да ве интересира

Спасени сите кои беа заробени на жичарницата во Анталија

А1он

На протестите во Турција загина маж, четири лица се повредени

Откриена причината за пожарот во ноќен клуб во Истанбул во кој загинаа 29 лица

(ВИДЕО) Голем пожар во Истанбул, најмалку 15 загинати

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Опозицијата во Истанбул со „Јутро је“ ја славеше победата на изборите

Горан Наумовски

Тежок пораз на Ердоган на изборите