Во четвртокот, хрватската полиција изврши рација во Либерланд, област во источна Хрватска чии жители се прогласија за независна република. Полицијата дошла таму во придружба на инспектори од Хрватски шуми и екипа за рушење која, како што пишува на официјалната веб-страница на Либерланд, уништила приватен имот и уапсила неколку Либерланѓани.
Сè се случило без најава или полициско предупредување, а на луѓето што живеат таму не им било дадено доволно време да ги соберат своите работи, наведува Либерланд. Нема повредени, но е оштетен или одземен имот, јавува Н1.
„Ги повикуваме хрватските политичари да престанат со ова лудило. Ова е непотребен чин на насилство против нашата мирна нација. Се надеваме дека ова е последен инцидент. Хрватска и Либерланд можат заедно да изградат подобра иднина“, рече претседателот Вит Једличка.
Либерланд наведува дека полицијата и вработените во Хрватски шуми се однесувале непрофесионално и ги навредувале луѓето.
„Побаравме писмено известување или пријава и ни рекоа дека нема пријава и дека нема да има. Овој инцидент го снимивме и фотографиравме, а веќе започнавме правна битка на повеќе нивоа“, пишува на страницата.
Слободната Република Либерланд е прогласена на 13 април 2015 година, во согласност, како што тврди Либерланд, со меѓународното право. Имено, ниту Хрватска, ниту Србија не го сметаат тоа парче земја за свое, а тоа е предмет на долгогодишен граничен спор меѓу двете земји.