Хрватска за сега не е опција, но…

Од:

Дојче Веле – Бон

Бегалците за сега немаат намера кон северозападна Европа да тргнат преку Хрватска. Но, ако влезот во Унгарија се затвори, хрватската рута е неизбежна. Состојбата на хрватско-српската граница за сега е мирна.

– Не, нема да не спречи жица да влеземе во Унгарија, која е наша цел, велат сите бегалци кои најмногу се од Сирија, а потоа од Авганистан, Ирак, Либија, Еритреја, Сомалија, а со кои разговаравме во парковите во близина на главната автобуска станица во Белград, главниот град на Србија. Додаваат дека Хрватска не ги интересира бидејќи се уште не е дел од Шенгенската зона, додека влезот во Унгарија практично им гарантира продолжување на патувањето без гранични премини, се до Австрија, Германија, Шведска и други развиени западни земји, кои се нивна крајна дестинација.

До Белград стигнаа по голготата која ја поминале на својот многу долг пат од нивните држави зафатени со војни. Во Србија веднаш по пристигнувањето кај властите изразуваат намера за азил, што им гарантира 72 часа престој во оваа земја. Тие три дена им се доволни да стигнат до Унгарија, па од Белград многу брзо заминуваат со автобуси кои ги возат кон граничните премини кај градовите Кањижа и Суботица. Преку Србија досега поминале десетици илјади мигранти, а само ноќта во саботата спроти неделата на 22 и 23 август 7.000 од нив влегле во оваа земја.

Цел – северозападна Европа

– Самохрана мајка сум, останав без работа, но им донесов се што можев, бидејќи ако јас им помогнам на нив, веројатно некој ќе ми помогне и мене, така мислам, вели една средовечна жена која за бегалците донела полна голема вреќа со слатки.

Таа е само една од белграѓаните кои искрено помагаат на овие несреќници. Бегалците не сакаат да зборуваат за тоа, но велат дека имале и лоши искуства во Србија, како тие кога ги ограбувале или кога ги рекетирале лажни полицајци. Велат дека во Србија луѓето подобро се расположени кон бегалците од другите земји, но својата иднина ја гледаат во западноевропските држави.

Не сакаат да се претстават, бидејќи се плашат од одмазда кон членовите на семејствата кои останале во нивните држави. Одлучни се да успеат за подобар живот каков што тврдат дека го имале пред да почнат нивните држави крваво да се распаѓаат.

– Не, Хрватска не не интересира, бидејќи и таму не чекаат нови граници кон Европа, повторуваат овие луѓе по кои се гледа дека некогаш биле припадници на средната класа во своите држави.

Можно е да тргнат и кон Хрватска

Од друга страна, Радош Ѓуревиќ директор на белградскиот Центар за заштита и помош на барателите на азил, за Дојче веле вели дека не треба да се исклучи ни можноста, унгарската граница со ограда од бодликава жица да ги натера бегалците подолго да се задржуваат во Србија, но и да ја променат својата траса кон Хрватска. – Подигнувањето на унгарскиот ѕид ќе ги успори тие луѓе и ќе ги задржи во Србија, но миграциите не можат да се спречат, смета тој.

– Ќе се обидуваат да го пробијат ѕидот, да го прескокнат… Ќе копаат канали под ѕидот, ќе се зголеми цената на шверцот на луѓе, проблемите дополнително ќе ескалираат. Но, ѕидот нема да ги запре, како што не ги запреа ни грчките ни бугарските ѕидови. А некои ќе се обидат да тргнат кон Хрватска и кон Романија. Хрватска вистина не ја сакаат како дестинација, бидејќи за разлика од Унгарија не е дел од Шенгенскиот простор. Но, ако патот кон Унгарија се покаже неуспешен, тогаш ќе немаат каде, тие ќе тргнат кон Хрватска, смета Радош Ѓуровиќ.

Мека граница

Тој потсетува дека Србија и Хрватска за жал имаат искуство со бегалците од 90-те години од минатиот век и можат да реагираат на време во смисла на подготвување на итно сместување.

– Овие се друг вид на бегалци, бидејќи доаѓаат од друга културна и верска средина. Но, тие пред се се луѓе кон кои треба да градиме емпатија и да им обезбедиме достојно сместување, порача Ѓуровиќ.

Ако сепак се свртат кон Хрватска, на бегалците ќе им биде многу потешко да се пробијат, со оглед на тоа дека границата меѓу Србија и Хрватска која е цела на подрачјето на Војводина, главно е на реката Дунав, а многу водени гранични премини се наоѓаат на дунавските мостови.

Според проценката на експертите, најранлива е зелената граница меѓу Хрватска и Србија, која е или низинска или благо ридеста, па на такви предели не е тешко да се движат, а има и многу шуми за криење по потреба.

Свежи сеќавања

Има само неколку копнени премини. На граничниот премин меѓу Бачка Паланка и Илок ја известуваме хрватската погранична полицајка со која намера сме тргнале на пат: Правиме репортажа за можноста бегалците да се упатат кон Хрватска. Таа како и многу хрватски и српски погранични полицајци и цариници, љубопитно не погледна и не праша: Дали навистина мислите дека ќе појдат наваму, кон нас?

Од Илок тргнавме кон копнените гранични премини. Прво, Товарник-Шид, па од тука кон најголемиот премин меѓу Хрватска и Србија Бајаково-Батровци, а потоа и кон граничните премини Сот-Принциповац и Илок2. – Веројатно нема наваму да појдат, повторно не прашуваат граничните полицајци, верувајќи дека ние новинарите знаеме повеќе од обичниот свет.

А обичниот свет и од хрватската и од српската страна на границата слично е расположен: зачуден, збунет и до некаде исплашен. – Слушам дека наваму ќе дојдат некои 15 милиони, вели постар господин во една локална кафеана во близина на Илок.

Најмногу се плашат од можноста меѓу бегалците да има терористи и фанатици од Исламската држава. Инаку велат дека го разбираат ужасот кој ги снајде, бидејќи и нашите воени сеќавања на 90-те години од минатиот век се уште се свежи.

Реката нема да престане

Впечатокот од нашиот поминат ден на граничните премини меѓу Хрватска и Србија беше незапамтена турканица на преминот Батровци-Бајаково, каде се чекаше по четири до пет часа на влез во Хрватска. Меѓутоа, тоа беа главно гастајбартери од Турција кои се враќаа од летните одмори.

Бегалци не сретнавме, ниту еден, што не значи дека во наредните денови или месеци нема да ги има, бидејќи овој бран очигледно нема да запре туку така. А кое е решението за овој проблем?

– Нема крај додека состојбата во тие земји не се подобри и додека не престанат војните, заклучува Радош Ѓуровиќ.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Тепачка во трамвај во Загреб, се пресметаа двајца постари мажи

Убиен работник од Украина во Славонски Брод

Горан Наумовски

Земјотрес во Риека: Се тресеше тлото во Хрватска

Горан Наумовски

Германските медиуми за изборите во Хрватска: Најверојатно ќе започне фаза на нестабилност

Отворени избирачки места на парламентарните избори во Хрватска

Невреме ја зафати Хрватска, метеоролошкиот аларм е на сила за целата земја

Горан Наумовски