Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, денеска во Книн присуствуваше на прослава на 25-годишнината од воено-полициската акција „Бура“, која во земјата се слави како ослободување на делови од територијата, додека во Србија се смета за организиран прогон на Србите од Хрватска. Пленковиќ изрази жалење за сите цивилни жртви во војната во Хрватска, и кон Србите и кон Хрватите.
– Како земја што победи во наметната војна жалиме за сите жртви, тагуваме за сите цивили, не само за Хрватите, туку и за Србите, како и другите, истакна Пленковиќ во говорот на церемонијата по повод 25-годишнината од хрватската воено-полициска акција „Бура“, која се слави и како Денот на победата и бчагодарност кон татковината и Денот на хрватските бранители.
Пленковиќ додаде дека „Бура“ беше правно легитимна, воено неизбежна и политички неопходна војна што ја наметна режимот на Слободан Миложевиќ.
– Ние, исто така, жалиме за жртвите на воените злосторства извршени од хрватска страна, секој таков чин е болна, грда лузна на праведното лице на Татковинската војна, истакна Пленоковиќ.
Тој оцени дека е важно хрватските Срби во акцијата „Бура“ да не го гледаат само егзодусот на нивниот народ, туку и крај на војната.
На церемонијата покрај членовите на хрватската Влада, првпат присуствува и високиот претставник на српското национално малцинство, вицепремиерот на Самостојна демократска партија на Србија (СДСС), Борис Милошевиќ, што беше опишано како „силна и важна порака за помирување“ во односот меѓу Хрватите и српското малцинство, но и меѓу Хрватска и Србија.
Церемонијата започна со ѕвонење на црковни sвона, што симболично означува влез на хрватската армија во Книн за време на операцијата „Бура“, а хрватското знаме беше подигнато на тврдината Книн.
Поради епидемиолошките мерки, само учесниците во програмата се на тврдината, додека државниот врв и другите функционери се на плоштадот Книн, од каде го гледаа подигнувањето на знамето преку видео бим.
На комеморацијата ќе се служи миса за убиените во акцијата, а ќе биде извршена и специјална програма на акробатска група „Бура од крилја“.
Во вечерните часови ќе има огномет и концерт без публика на тврдината Книн, што ќе се емитува на телевизија.
Во акцијата „Бура“од Хрватска беше протерани меѓу 220.000 и 250.000 Срби, а околу 2.000 лица се убиени или се водат за исчезнати.