Хрватска од денеска е членка на ЕУ

Од:

Хрватска од денеска станува 28-та земја членка на ЕУ, 22 години по прогласувањето на нејзината независност од поранешна Југославија.

Хрватска е втората поранешна југословенска република која станува членка на Унијата по Словенија, која се приклучи кон блокот во 2004 година. Ова е прво проширување на ЕУ по 2007 година, кога членки станаа Бугарија и Романија.

Хрватите веќе петта година по ред се наоѓаат во рецесија и имаат рекордна невработеност од 21 отсто. Но, и покрај тоа, илјадници граѓани синоќа со знамиња на ЕУ во рацете се собраа да го прослават влегувањето на земјата во Унијата на централниот плоштад во Загреб и ширум целата држава.

Во Загреб, во присуство на голем број странски лидери, се одржа богата музичка програма до полноќ, кога со огномет и исполнување на химната на ЕУ – „Одата на радоста“ од Бетовен беше одбележано официјалното присоединување на Хрватска кон ЕУ.

– Ние сме тука во оваа историска ноќ. Ваша беше желбата да се приклучите кон ЕУ и вашата макотрпна работа го овозможи тоа, изјави претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо пред илјадниците граѓани на плоштадот „Бан Јелачиќ“ во Загреб, поздравувајќи ги присутните на англиски и на хрватски јазик.

Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ се осврна на „новата улога“ на Хрватска во регионот и кон земјите со кои била во конфликт – Србија, Црна Гора и БиХ.

– Ние треба да им подадеме рака на овие земји и да им помогнеме во адаптирањето кон европските критериуми, истакна Милановиќ.

Претседателот Иво Јосиповиќ нагласи дека Хрватска е веќе „целосно прифатен и рамноправен член на најуспешната Унија на европските држави, која некогаш постоела“.

Од денеска се отстрануваат царинските пунктови на хрватската граница со нејзините соседи од ЕУ, Словенија и Унгарија, а табли и знамиња на ЕУ се поставени на границите со БиХ, Србија и Црна Гора, кои не се членки на Унијата.

Хрватска поднесе барање за членство во ЕУ во 2003 година, а официјален статус на кандидат доби во 2004 година.

Преговорите за членство ги започна во октомври 2005 година, а тие завршија во 2011 година со потпишување на договорот со Брисел.

Ратификацијата на овој договор од страна на 27-те земји членки заврши во март, оваа година.

Би можело да ве интересира

Хрватска доби нова влада, Пленковиќ по трет пат стана премиер

Несреќа во Хрватска, загинаа четворица мигранти

Горан Наумовски

ВИДЕО: Над 20 бродови изгореа во големиот пожар во пристаништето Медулин

Во каменолом во Хрватска несреќно загина работник

19 ранети граѓани на Украинa пристигнаа на лекување во Хрватска со авион

(ВИДЕО) Фантастично: Хрватската песна на Евросонг со знаковен јазик