Грција набавува три француски фрегати, потпишан Договор за стратешко партнерство за одбранбена и безбедносна соработка

Од:

Набавка на три модерни француски фрегати „Belharra“ содржи Договорот за воспоставување стратешко партнерство за одбранбена и безбедносна соработка меѓу Франција и Грција, што утрово во Париз го потпишаа министрите за надворешни работи и за одбрана на двете земји, во присуство на францускиот претседател Емануел Макрон и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Макрон и Мицотакис, на прес-конференцијата по потпишувањето ја истакнаа важноста на Договорот, како за двете земји, така и за мирот и стабилноста во поширокиот регион, а се осврнаа и на блиските и зајакнати односи меѓу двете земји.

Францускиот претседател рече дека Договорот е плод на 18-месечна интензивна работа и ја изразува заедничката волја на двете земји за зајакнување и интензивирање на соработката во одбраната и безбедноста врз основа на взаемните интереси, но и на солидарност, а намерата е „да се заштитат суверенитетот, независноста и интегритетот на двете земји“.

– Ова партнерство е во рамки на нашите обврски во ЕУ и НАТО, ја зајакнува ефикасноста и ни дава можност да бидеме поефикасни и координирани во нашите активности во корист на мирот и безбедноста во Медитеранот, на Блискиот Исток, во Африка, но и на Балконот. Придонесува во европската независност, во зајакнувањето на суверенитет на Европа и на мирот и безбедноста на светско ниво, рече Макрон и истакна дека конкретното партнерство „не е насочено против никого“, додавајќи дека постои заедничка визија за стабилност во конкретните региони.

Грчкиот премиер, кој соопшти дека по 24 француски воени авиони „Rafale“, Грција ќе добие и три фрегати „Belharra“ со можност да се набави уште една, истакна дека е историски ден за Грција и Франција, бидејќи двете страни решија да ја надградат билатералната одбранбена соработката, двете земји „прават прв храбар чекор кон европска стратешка автономија“, а овој Договор го отвора патот за силна Европа во иднина.

– Со претседателот Макрон имаме иста визија за развој на неопходните одбранбени способности за автономен одговор на Европа на предизвиците со кои се соочува. Овој Договор, го отвора патот за автономна и силна Европа во иднина. Европа која, како што рече претседателот, ќе може да ги брани своите интереси во нејзиното пошироко соседство, во Источниот Медитеран, на Блискиот Исток, во Сахел. Европа која ќе има средства, волја и влијание да гарантира мир и напредок на светско ниво. Европа која конечно ќе ја усогласи својата геополитичка моќ со нејзината економска моќ, истакна Мицотакис.

Грчкиот премиер додаде дека одлуката да набават француски фрегати има и национален, но и европски мотив, бидејќи од една страна ја штити Грција, а од друга страна ја зајакнува заедничка одбранбена индустрија, а со оглед на тоа дека и Франција ги има истите фрегати, овој избор „има и евро-атлантски карактер, бидејќи се работи за две земји партнери во ЕУ, но и сојузници во НАТО“.

На новинарско прашање дали договорот влијае на грчко-американските односи, Мицотакис објасни дека „Договорот што го потпишавме денеска на никој начин не се натпреварува со односите на Грција со САД“.

Францускиот претседател Емануел Макрон и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис синоќа, во Париз заедно ја отворија изложбата „Париз–Атина раѓањето на модерна Грција 1675-1919“ посветена на 200-годишнината од грчката револуција, а веднаш потоа има работна вечера.

Фото: Димитрис Папамицос/ Кабинет на грчкиот премиер

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Уапсени двајца Срби, поранешни членови на „Пинк Пантер“ – оргабувале златарници во Атина

Младо момче најавило самоубиствен напад за време на Олимписките игри во Париз

Земјотрес го погоди денеска грчкиот остров Самос

Франција ќе ја зголеми безбедноста пред синагогите и верските училишта

Едно лице загина, а најмалку едно е рането во напад со нож во Бордо

Преспанскиот договор оспорен во предизборието, анализира грчки Катимерини

Александар Тодески