Голем цензор тропа на голема врата

Од:

Обидот за дисциплинирање на медиумите преку предлози за измени на Законот за кривична постапка (повторно враќање на криминализација на клеветата) и измена и дополна на Законот за медиумите, со кои се бара државниот обвинител според свој увид да може да забрани дистрибуција на медиумите поради одредени содржини, со денови го држи вниманието на црногорската јавност.

Од амбасадорите на земјите на ЕУ, од Германија, Велика Британија, Франција, Италија, Хрватска, Словенија… од амбасадорката на САД, шефот на Делегацијата на ЕУ во Подгорица Митје Дробниќ, од шефицата на Мисијата ОЕБС Јанин Хребичкова, Побједа побара коментар за најновата иницијатива на дел од парламентарните партии, со оглед дека оваа држава и европските институции токму овие закони ги пофалија како голем демократски исчекор.

Прашавме дали најновите предлози за измена и дополна на законот, според нивно мислење, се обид за дисциплинирање на медиумската сцена, т.е. воведување на цензура, потоа како ќе го оценат воведувањето на клевета како кривично дело и дали тоа би било чекор назад за Црна Гора. Од амбасадорите баравме одговор и дали сметаат дека треба да се менува Законот за медиумите, поради поединечни случаи, каков што е зоосекс аферата, која се поврзува со директорката на МАНС Вања Чаловиќ, како и тоа, како го коментираат предлогот за државниот обвинител да може да забрани на медиумите или дел од неговите содржини? Исто така, амбасадорите ги замоливме да ни кажат каква е праксата во нивните земји.

Очекуваме нивни одговори на овие прашања.

Да потсетиме дека иницијатор на предлогот за дополна на Законот за медиуми е пратеникот Форце Генци Ниманбегу, а го поддржаа со свои потписи Рифат Растодер од СДП и Андрија Поповиќ од Либералната партија, Азра Јасавиќ од Позитивна Црна Гора, Бранка Бошњак и Лилјана Ѓурашковиќ од Демократски фронт, Снежана Јоница и Алмер Калаќ од БС.

Генци, во разговорот за Побједа објасни дека предлогот дошол откако обвинителството и судот не реагираа на пишувањето на Информер и поради тоа дека тој весник објави говор на омраза кон Албанците. Овој предлог јавно го поддржаа пратениците на сите парламентарни партии освен од Демократската партија на социјалистите, која инсистираше прво да се слушне зборот од медиумската заедница.

Политичкиот аналитичар Срѓан Вукадиновиќ потсети дека Законот за медиумите доби голема поддршка од меѓународната јавност и дека е донесен со подолго усогласување на политичките претставници и медиумската заедница. Поради тоа покренувањето на оваа иницијатива, за Вукадиновиќ не е само голем чекор наназад, туку многу изразена желба на политиката да ги уредува медиумските содржини и да доминира во медиумите над сите, па и над струката и еснафот.

Медиумскиот совет за саморегулација исто така изрази голема загриженост поради оваа иницијатива, потенцирајќи дека се работи за класично воведување на цензура.

– Некои случаи на разголена злоупотреба на медиумите не можат да бидат оправдани за воведување на рестриктивни мерки кон медиумите и намалување на медиумската слобода – соопшти Медиумскиот совет за саморегулација.

Медиумскиот совет за саморегулација потсетува дека Законот за медиумите правен во блиска соработка со Советот на Европа и како што наведува, претставува еден од најдобрите и најлибералните закони во таа област во Европа.

Промена на Законот за кривична постапка побараа пратеничките на Позитивна, СДП и СНП, Азра Јасавиќ, Драгиња Вуксановиќ и Снежана Јоница. Предложија да се укине декриминализацијата на клевета, т.е. од граѓанска парница повторно да се врати во Кривичниот законик, како што беше до 14 април 2011 година.

Двете иницијативи се покренати поради пишувањето на политичкиот таблоид Информер за зоосекс аферата која се поврзува со директорката на МАНС Вања Чаловиќ. Предлогот за криминализација на клевета очигледно нема таква поддршка во парламентот, како дополната на Законот за медиуми, што го покажа вчерашната седница на Собранието кога предлогот на пратеничките на СНП, СДП и Позитивна ЦГ, не се најде на дневен ред. Очигледно е дека и во парламентот постои мнозинство кое смета дека враќањето на клеветата како кривично дело би било чекор назад и дека би наишло на критика од меѓународната заедница.

Каков став ќе имаат претставниците на меѓународната заедница читателите на Побједа, се надеваме ќе бидат информирани кога ќе ги добиеме одговорите на прашањата што ги проследивме.

Министерството за култура во мислењето доставено до Владата, смета дека предложените дополни на Законот за медиуми не треба да се прифатат, бидејќи предлогот не е во согласност со Уставоти и меѓународните стандарди.

– Наведениот предлог не е во согласност со Уставот на Црна Гора, со кој се гарантира слобода на изразување, слобода на печатот и забрана на цензура – го наведе својот став Министерството за култура кој Владата го усвои на седницата во четвртокот.

Тој документ, како што наведуваат, не е во согласност ни со одредбите на Законот за медиуми.

– Прашањето за примена на професионалните и етички принципи и медиумски стандарди, согласно со одржливата европска пракса и потребата за гарантирање на независно и самостојно функционирање на медиумската област, е во надлежност на медиумските саморегулативни тела, како независни системски организации чија независност и систем на функционирање ја нарушува можноста за забрана на дистрибуција на медиумите, бидејќи не се дава контрола над медиумската област, а со тоа и правата на слобода на изразување, со овој предлог се изместува под контрола над државниот обвинител – се наведе во мислењето на Министерството.

Од тој ресор истакнаа дека предлог текстот на законот е во спротивност со законските решенија на државите членки на ЕУ.

Побједа – Подгорица

 

Би можело да ве интересира

Полициска рација во просториите на црногорската Агенција за сузбивање на корупцијата

Инцидент во Бар: Со нож го нападнал сопствениот брат, уапсен е за обид за убиство

Во престрелка во Црна Гора е убиен 29-годишен маж

Горан Наумовски

По силниот, уште два помали земјотреси ја погодија Црна Гора: „Силно се почувствува во Никшиќ“

Горан Наумовски

Силен земјотрес во Црна Гора

Нов земјотрес e регистриран во Црна Гора