На заедничката прес-конференција со својот хрватски колега Гордан Грлиќ-Радман во Загреб, бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска одбележа 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Бугарија и Хрватска, соопшти прес-службата на бугарското МНР.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Генчовска, во овој период двете земји изминаа долг пат на кој денес се пријатели и сојузници во ЕУ и НАТО, а 12-вековното пријателство меѓу нив продолжува.
Генчовска истакна дека Бугарија отсекогаш силно ја поддржувала Хрватска од периодот на прогласување, признавање и одбрана на нејзината независност и територијален интегритет, до нејзиното пристапување во ЕУ, НАТО и меѓународните организации. Таа и Гордан Грлиќ-Радман ќе работат заедно за прием на овие две земји во Шенген зоната, еврозоната и Организацијата за економска соработка и развој.
Двајцата министри разговараа и за иницијативата Три мориња, која дава големи можности за поврзаност меѓу земјите, особено во контекст на војната во Украина. Иницијативата има потенцијал, кој може да се искористи во однос на енергетското поврзување, а Бугарија и Хрватска можат да работат во оваа насока, изјави шефицата на бугарската дипломатија во Загреб. Генчовска коментира дека Бугарија и Хрватска се едни од најсилните поддржувачи на евроинтеграциите на земјите од Западен Балкан.
Генчовска се сретна со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, со претседателот на Собранието Гордан Јандроковиќ и со претставници на бугарската заедница во Загреб. Таа ја посети и Хрватската академија на науките и уметностите, на која Бугарија ќе и обезбеди финансиска помош за закрепнување по земјотресот кон крајот на 2020 година.
Извор: МИА