Гаши негира дека предизвикал инцидент во косовското Собрание, го обвинува спикерот Коњуфца

Од:

Шефот на пратеничката група на опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ЛДК) во Собранието на Косово, Арбен Гаши ги отфрли обвинувањата на собранискиот спикер, Глаук Коњуфца дека наводно предизвикал инцидент на почетокот на денешната седницата на собраниското Претседателство, поради што истата се одложи, јави дописникот на МИА од Приштина.

Гаши им изјави на новинарите дека тврдењата на Коњуфца дека се однесувал насилно и го пцуел шефот на неговиот кабинет, Илир Крчели, се невистинити и дека седницата на Претседателството е одложена по вина на собранискиот спикер.

Според шефот на пратениците на ЛДК, Коњуфца не смеел да му дозволи на Крчели да се замеша во расправата околу надоместоците за пратениците, која била на дневен ред на денешната седница.

– Претседателот на собранието го донесе со себе и шефот на кабинетот, кој изврши прекршување на задачите. Спецификите на оваа институција не дозволуваат шефот на кабинетот да биде страна во внатрешните политички дебати и ние побаравме тој да биде отстранет. Претседателот не прифати тој (Крчели) да ја напушти седницата, поради што таа пропадна, изјави Гаши.

Тој категорично ги отфрли тврдењата дека тргнал физички да го нападне Крчели и дека му упатил тешки навредливи зборови.

Коњуфца изјави дека денешната седница на претседателството е одложена затоа што од страна на Гаши имало обид за физички напад и биле изречени тешки навреди кон шефот на неговиот кабинет.

– Имаше напад, имаше и пцости. Беа изречени работи кои не можам да ги споменам тука, рече Коњуфца.

Тој најави дека се можни дисциплински мерки против шефот на пратеничката група на ЛДК и порача дека барањето извинување од страна на Гаши „е најмалото нешто што може да се направи во овој случај“.

Инцидентот се случи на почетокот на седницата на собраниското Претседателство, а на која се отворила темата на дополнителните надоместоци, кои, покрај платите, ги примаат пратениците.

Деновиве во јавноста се појавија информации дека повеќе од половината косовски пратеници користеле високи надоместоци за патни трошоци за учество на пленарните и комисиските седници во Собранието. Меѓу тие кои земале стотици евра месечно, најмногу има пратеници од владејачкото Движење самоопределување (ВВ) на премиерот Албин Курти. По истекувањето на информацијата, од ВВ, чиј потпретседател е Коњуфца, објавија дека сите нивни пратеници се откажуваат од таквите надоместоци и побараа и од другите партии да го сторат истото. Најавена е и иницијатива за измена на собранискиот деловник кој ги овозможува таквите надоместоци.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Приштина тврди дека Србите не ја искористиле можноста да гласаат на референдумот

Во Косово приведен македонски државјанин по кого е распишана меѓународна потерница заради тешко убиство

Орце Костов

Македонија ќе поддржи резолуција за геноцид во Сребреница

Орце Костов

Германија испраќа дополнителни војници во Косово

Горан Наумовски

Уапсен Србин на Косово: Обвинет е за воени злосторства

Горан Наумовски

23-годишна Украинка пронајдена мртва на автопатот „Арбен Џафери“ во Косово

Катерина Ѓуровски