Во Сараево вчера се одржа редовната седница на Асоцијацијата на независни интелектуалци „Круг 99“ на тема „Помеѓу идеологијата и научно втемелената интерпретација на Сараевскиот атентат во 1914 година“, на која се разговараше за Сараевскиот атентат, за кој многумина сметаат дека бил повод за започнување на Првата светска војна.
Гаврило Принцип кој бил член на тајната организација „Млада Босна“ на 28-ми јуни 1914 година во центарот на Сараево извршил атентат врз австроунгарскиот претстолонаследни Франц Фердинанд и неговата сопруга Софија.
Атентатот на Австроунгарците кои имале поддршка од Германија, која во тоа време била царство, им послужил за напад на Србија, што резултирало со вклучување на сложени механизми на сојузништво и довело до Првата светска војна.
Претседателот на „Круг 99“, Адил Куленовиќ рече дека од особена важност е на случувањето да му се пристапи со научна документација и дека секоја идеологија може да доведе само до негативни последици. -Сараево може утре да направи споменик и на Принцип и на Фердинанд, на начин дека тоа претставува нова култура во која според историските факти се зборува од историски аспект- додаде Куленовиќ. Јакоб Финци рече дека атентатот на Франц Фердинанд очигледно не можел да резултира со она за што се борела „Млада Босна“.
-Гаврило Принцип сам на судењето рекол дека е терорист и дека го грижела совест, не затоа што го убил Фердинанд, туку што ја убил неговата сопруга Софија- истакна Финци.
Е. Г.