„Фајзер“ не е регистрирана ниту во Србија и покрај тоа што вакцинацијата почна во декември

Од:

Србија ја почна вакцинацијата со нерегистрирана вакцина на „Фајзер“, увезена на ист начин како што кај нас е интервентниот увоз, односно со дозвола од нивната Агенција за лекови и медицински средства, АЛИМС.

„А1он“ дојде до документ во кој АЛИМС укажува дека врз основа на анализираниот примерок, вакцината на „Фајзер“ одговара на пропишаните барања, но како додатен податок наведува дека лекот нема дозвола за ставање во промет на територијата на Република Србија.

Документот е издаден на 11 јануари, а првата дозвола, за увоз на вакцината како нерегистриран лек српската Агенција за лекови ја издала на 17 декември минатата година, според досега објавените податоци. Како корисник во издадената дозвола е наведен Институтот за јавно здравје „Др. Милан Јовановиќ – Батут“. На 30 декември минатата година Агенцијата издала уште една дозвола на истиот корисник. Податоците за издадените дозволи за увоз на нерегистрирани лекови се јавни и објавени се на веб – страницата на АЛИМС.

Првата дозвола, за увоз на вакцината како нерегистриран лек, според досега објавените податоци, српската Агенција за лекови ја издала на 17 декември минатата година

Вакцинирањето во Србија почна неколку дена по првата дозвола за увоз на нерегистрираната вакцина. Првата дозвола, според јавно достапните податоци, е од 17 декември, а вакцинацијата почна на 24 декември минатата година, кога, меѓу првите, вакцината ја прими и премиерката Ана Брнабиќ.

Иако и кај нив не е регистрирана вакцината на „Фајзер“, откако најавија дека ќе ни отстапат 8.000 дози, во телевизиско интервју премиерката Брнабиќ изјави дека вакцината не може да стигне кај нас поради тоа што лекот не е регистриран во нашата држава.

Директорот на нашата Агенција за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) Љирим Шабани, за „А1он“ уште еднаш појасни дека нема пречка за да се направи интервентен увоз на лекот, но кај нив се уште не стигнало барање ниту за интервентен, ниту пак за регуларен увоз на вакцината.

„Нашиот Закон дава можност за увоз на лекови кои не се регистрирани кај нас, посебно во вакви услови на криза, пандемија, итна состојба. Агенцијата воопшто не е пречка за да ги увеземе ветените 8.000 вакцини, ниту пак го кочи процесот. Кај нас едноставно нема стигнато барање од Министерството за здравство за каков било увоз на оваа вакцина. Откако ќе стигне барањето, за кусо време ќе биде подготвена документацијата за интервентниот увоз. За регуларен увоз мора да ја почекаме измената на Законот поради тоа што ’Фајзер’ нема претставништво кај нас“, вели директорот Шабани во изјава за „А1он“ и нагласува дека во пандемијата со интервентен увоз веќе се увезени лековите Фавипиравир и Ивермектин.

Министерот за здравство, пак, Венко Филипче вели дека нема поместување во преписката со „Фајзер“, од каде чека документи за вакцините да стигнат кај нас.

„Треба да ни ги испратат фајловите од ’Фајзер’ и за нас и за српската количина. Со тие документи аплицираме за интервентен увоз во МАЛМЕД, но немаме нова повратна информација“, вели министерот Филипче за „А1он“.

За договорот Србија да ни испрати 8.000 дози од вакцината на „Фајзер“ извести премиерот Зоран Заев на 18 јануари. Од тогаш и тој и министерот Филипче кажуваат дека се во тек административни процедури на барање на „Фајзер“ за да можат вакцините да стигнат во Македонија.

Би можело да ве интересира

Европските истражители ја презедоа истрагата за пораките на Урсула фон дер Лајен и шефот на Фајзер

Горан Наумовски

Прва тужба во Германија поради последиците од вакцината против корона на Фајзер

Ана Ололовска

ВИДЕО: Шест месеци Македонија вакцинира со „Фајзер“ со истечен, па продолжен рок

Маја Илиевска-Пачемска

САД ќе му платат на „Фајзер“ околу две милијарди долари за дополнителни пакувања на лекот „Паксловид“ во 2023 година

Ана Ололовска

„Фајзер“ инвестира 2,5 милијарди долари во производството на лекови во Европа

„Фајзер“ очекува 34 милијарди долари приходи од вакцините, планира зголемување на цените во САД