Едвард Џозеф: Примерот со Преспанскиот договор да се искористи за Србија и Косово

Од:

Пополнувањето на празнината околу политиката поврзана со Косово, кој е најстариот судир во регионот на Балканот, е прашање што под итно мора да се реши, оценува вонредниот професор на американскиот универзитет „Џонс Хопкинс“, Едвард Џозеф во авторски текст во магазинот „Форин Полиси“.

– Со нестабилната Босна и Херцеговина, со Русија која настојува да поттикне поделби и со Европа која е колеблива, тешкиот товар на Балканот повторно паѓа на САД. За да се опорави од неодамнешните западни неуспеси, Вашингтон мора да ја искористи сржта на она што довде до успех околу Македонија и да го примени на Косово, смета Џозеф, кој беше активен на Балканот во приодот на конфликтите во регионот во 90-те години на минатиот век и првите години на новиот милениум.

Тој нагласува дека Преспанскиот договор меѓу Атина и Скопје, кој „ги отстрани сите пречки за иднината, исполнети со почитување и соработка меѓу двајцата поранешни противници“, треба да послужи како пример за надминување на проблемите меѓу Белград и Приштина.

Според Џозеф, планот за решавање на косовското прашање што го застапуваа претседателите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи, кој суштински значи размена на територии, им дал поттик на „центрифугалните сили кои се закануваат со растурање на Босна“ и повторно го отворил прашањето за границите во регионот. Токму поради тоа, германската канцеларка Ангела Меркел, како што вели, го торпедирала планот за поделба на регионалниот самит во Берлин кон крајот на минатиот месец.

Џозеф смета дека за да се овозможи Србија да го признае независно Косово во рамки на сегашните граници, како „единствено стабилизирачко решение“, Приштина мора да го признае легитимитетот на српските барања.

– Тоа значи замена на компензацијата на Србија со спротивна цел: афирмација на Србија. Новата западна стратегија мора да има за цел да ги зачува, почитува и да ги направи достапни српските врски со Косово, во контекст на целосно меѓународно признавање, смета аналитичарот.

Според Џозеф, со помош на силна меѓународна поддршка, Србија и Косово би требало да воспостават „Заеднички стручен комитет“, како во случајот со договорот меѓу Скопје и Атина, чија задача би била да утврди „објективна интерпретација на настаните врз основа на автентични докажани извори“.

Тој смета дека планот за решавање на косовското прашање треба да им понуди нова перспектива за Србите во северно Косово, со цел да се избегне создавање на кавзи-држава по примерот на Република Српска во БиХ, но и да ги заштити „преостанатите скромни економски интереси на Србија во Косово“.

Дополнително, според Џозеф, Вашингтон би требало да му понуди на Белград заедничко унапредување на цивилните и воените односи, на ниво на стратешко партнерство, кое дури би вклучувало и отворање на американска база во Србија, за што „идеална локација“ би била месноста близу Пониква во западниот дел на земјата, близу границата со БиХ.

Џозеф оценува дека ако Вучиќ го одбие или саботира таквиот план, Вашингтон треба да биде подготвен да понуди „непријатна алтернатива“.

– Изборот на Вучиќ ќе биде или да преговара за јасно решение што ќе ја води Србија кон ЕУ до 2025 година или да гледа како САД и клучните европски земји го претставуваат „Косово 2025“, како интензивен трансатлантски напор за изградба на држава. Со тоа наместо Министерството за одбрана на Србија да воспостави специјален и потенцијално доходовен однос со Пентагон, таа привилегија би отишла во Косово, наведува Џозеф.

Според него, за Белград е подобро со водството на САД и помош од ЕУ да дојде до ваков договор, кој би ја зачувал врската на Србите со Косово, без товарот да владеат со него.

– Ваквиот договор ќе го заштити Вучиќ од бастионот на српскиот реакционерен национализам и ќе ја исполни основната желба на мнозинството граѓани на Косово да тргнат достоинствено напред, заклучува Џозеф.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Уапсени двајца Срби, поранешни членови на „Пинк Пантер“ – оргабувале златарници во Атина

Приштина тврди дека Србите не ја искористиле можноста да гласаат на референдумот

Земјотрес во Србија

Во Косово приведен македонски државјанин по кого е распишана меѓународна потерница заради тешко убиство

Орце Костов

Земјотрес кај Чачак

Австриските власти го екстрадираат во Србија осомничениот за убиството на Нусрет Дестановиќ