Џозеф: Одложувањето на членството на Црна Гора е грешка

Од:

Американскиот аналитичар Едвард Џозеф смета дека причините за немање на покана на Црна Гора да стане членка на НАТО не се убедливи и сега се праќа погрешен сигнал на Русија.

Причините за одложување на членството на Црна Гора во НАТО, без оглед на тоа дали се работи за степенот на спроведените реформи или наводната инфилтрација на Русија во црногорската разузнавачка служба, не се одржливи, вели за Гласот на Америка вишиот соработник на Универзитетот Џон Хопкинс Едвард Џозеф, кој неодамна во коавторскиот текст со Јануш Бугајски, објавен на сајтот на списанието Foreign affairs порача дека досегашните напори на Црна Гора го надминаа трудот на некои членки на Алијансата.

Средба на американскиот претседател Барак Обама и генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен во Белата куќа… Меѓу темите на разговорите на двајцата лидери беше и претстојниот самит на НАТО во Велс на кој како што неодамна е соопштено, нема да има примање на нови членки. Во текот на говорот во Атланскиот совет во Вашингтон, Расмусен кусо се осврна на прашањето за проширување.

– Конечно, се работи за политичка одлука дали е вистинско време за прием на нови членки. Во тесен дијалог сме со земјите кои аплицираа за членство. Кога се работи за Црна Гора, укажавме на реформите во безбедносниот сектор како прашање од посебен интерес и сега ќе ги интензивираме разговорите со Црна Гора за тоа прашање.

НАТО, како што за Гласот на Америка вели Хорхе Бенитез од Атланскиот совет, во тој сектор од Црна Гора ќе бара ниво на транспарентност и одговорност на кој е навикнат.

– Истовремено, Алијансата се обидува да испрати многу силна порака на Црна Гора, да и каже дека е многу блиску иако можеби не успеала да се избори за членство на време за самитот во 2014 година, дека тоа прашање ќе биде преиспитано, дека ќе се одржи состанок на министрите за надворешни работи во 2015 година, на кој евентуално ќе биде оценето дали е направен доволен напредок и дали постои разумна шанса да биде примена тогаш.

Според наводите на агенцијата Асошиетед Прес, која цитира неименуван функционер на Алијансата, членството на Црна Гора е одложено поради наводна поврзаност на некои црногорски разузнавачи со Русија. Едвард Џозеф, виш соработник на Универзитетот Џонс Хопкинс смета дека таа причина и ако се утврди дека е точна, не е доволна за одложување на приемот на Црна Гора.

– Зошто тоа би било проблем само кога станува збор за Црна Гора? Истата забелешка важеше за речиси секоја источноевропска земја, која е членка на НАТО. Ако навистина постои загриженост во поглед на тој проблем, се поставува прашањето зошто тоа не можеше да биде решено додека Црна Гора се придружува на НАТО. Постојат многу начини тоа да се реши во рамките на Алијансата. Не ја сметам таа причина за убедлива, кога ќе се земат предвид ризиците од идното одлагање на црногорското членство и приликите кои тоа ги отвара за Русија. Русија ќе добие поради одложувањето на членството на Црна Гора, затоа што има поголеми шанси да ги подрие не само црногорските, туку и интересите на НАТО.

Москва исто така одлуката на Алијансата може да ја сфати како сигнал дека САД и нејзините сојузници препознаваат одреден индиректен руски интерес на Балканот, што како што смета Џозеф, е многу сериозна и опасна грешка.

– Одложувањето на членството претставува голем ризик и за НАТО и за Црна Гора, дури и покрај надежта дека таа ќе биде примена до крајот на 2015 година. Тоа не е како да сме во состојба во која Црна Гора мора да вложи само малку повеќе напори во поглед на некои реформи, додека се друго останува непроменето. Русија веројатно нема да застане. Путин ја бара секоја можна прилика и секаде се во офанзива. Не се работи за иста офанзива како во Украина, но може да биде исто така опасна и дестабилизирачка. Москва има многу начини и сојузници да го отежни патот на Црна Гора и да го комплицира нејзиниот можен пристап во НАТО во 2015 година.

Џозеф истакна и дека прашањето на поддршката на јавноста е пренадувано, укажувајќи на примерот на Хрватска чии граѓани немале голем ентузијазам во поглед на членството на НАТО. Кога Загреб доби зелено светло за приклучување во Алијансата, поддршката нагло порасна, што може да се очекува и во Црна Гора, заклучи Џозеф.

Гласот на Америка – Вашингтон

Би можело да ве интересира

НАТО функционер за АНА-МПА: Северна Македонија под уставното име влезе во Алијансата

Поддршката на Резолуцијата за Сребреница ја става Црна Гора пред закана за нов српски бунт

Петер Сијарто: Унгарија нема да учествува во иницијативата на НАТО за помош на Украина

Република: НАТО директно ќе влезе во војна доколку Русија премине една од двете црвени линии

Москва: Вежбите се доказ дека НАТО се подготвува за можна војна со Русија

Алаудинов: Ќе го уништиме НАТО до 2030 година