Членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, отворено ја поддржа руската агресија врз Украина, наведувајќи дека таа е неопходна за заштита на украинските Руси, а во исто време направи споредба со босанските Срби, велејќи дека тие не можат да живеат со муслиманите, па затоа е „природна“ желба да се обединиме со Србија.
– Нашиот стремеж кон Србија е природен. Слична е ситуацијата и со Русите во Украина, од кои во таа земја има 15 милиони, а за кои рускиот јазик е забранет од раководството на таа земја. Затоа и руската специјална операција во Украина се оправдува со заштитата на правата на нејзиниот народ. Така сме и ние овде – не можеме да имаме заеднички училишта, заеднички учебници со муслиманите, изјави Додик за руската новинска агенција ТАСС.
Додик и претходно безрезервно ја поддржуваше политиката на Москва со тоа што се спротивстави на воведувањето санкции против Русија, но сега првпат недвосмислено да ја оправда агресијата врз Украина.
– Ние многу добро разбираме дека борбата на Западот против православието никогаш не престана. Таа борба беше лајтмотив на сите кампањи и во суштина имаше единствена цел, да ја преземе контролата врз богатото снабдување со природни ресурси на Русија. Поради оваа причина, и Наполеон и Хитлер дојде во Русија, а и денешниот Запад сака да доминира на овие пространства, наведе Додик.
Тој одговарајќи на прашањето за можното отцепување на Република Српска од БиХ, истакна дека тоа останува целта, а за нејзина реализација во Бања Лука само се чека вистинскиот момент.
Додик утре во Москва ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.
Извор: МИА