Додик „извиси“ во парламентот на Република Српска, одлуките на Претседателството на БиХ стапуваат на сила

Од:

Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, не успеа да ги блокира одлуките на Претседателството на БиХ, откако опозицијата во парламентот на Република Српска синоќа му го сврте грбот, спречувајќи го ветото што тој го наметна на серијата договори и одлуки за кои се разговараше во државниот врв минатата недела.

Претставниците на Српската демократска партија (СДС) и Партијата за демократски напредок (ПДП) ја напуштија седницата на Народното собрание на РС, откако Додик брутално ги навреди од собраниската говорница, нарекувајќи ги „трупци“ и „предавници“ кои „озборуваат“.

Опозицијата не му остана должна, изјавувајќи дека тој и членовите на неговото семејство ја ограбиле РС под превезот дека се борат за националните интереси.

Поради бојкотот на двете најголеми опозициски партии, не беше обезбедено двотретинското мнозинство од пратениците за да се потврди ветото на Додик на предлогот за одлуките што ги разгледува Претседателството на БиХ, па тие одлуки автоматски стапија на сила, без разлика на неговото противење.

Повикувајќи на заштита на виталните национални интереси, Додик се обидува да ја блокира работата на Претседателството на БиХ, што е дел од пошироката стратегија за оневозможување на функционирањето на државните органи.

На овој начин тој најпрво побара да се укине одлуката за измените на кривичниот закон на БиХ, донесена од поранешниот висок претставник Валентин Инцко и да се санкционира негирањето на воените злосторства.

По средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ, од минатата недела Додик одлучи да ги промени условите за деблокирање на државата, па сега бара да се укинат некои од одлуките на Уставниот суд на БиХ, кои ги смета за спорни бидејќи тие наводно навлегуваат во правата на Република Српска.

Би можело да ве интересира

Додик: Ако САД имаат право на Гренланд, тогаш Србија има право и на Република Српска

ВИДЕО: Ноќните волци на Путин учествуваа на парадата во Бања Лука

Уапсен министерот за безбедност на Босна и Херцеговина

ВИДЕО: Драматично во Босна, градови и села со денови се отсечени поради снегот

Во Република Српска 50.000 домаќинства се без струја

Горан Наумовски

Република Српска ги прекинува евроинтеграциите