„Дејли Телеграф“: Ципрас ја врти Грција кон Русија, Кина и Иран

Од:

Грчкиот премиер Алексис Ципрас ја врти Грција кон Истокот, пред се кон Русија, но и кон Кина и Иран, откако ЕУ остана цврсто на ставот дека нема да има попуштање кон Атина, пишува лондонски „Дејли Телеграф“.

Весникот, кој важи за близок до британските конзервативци, смета дека Грција и нејзниот левичарски премиер останале изолирани во Унијата во врска со барањето за отпис на грчкиот долг, но и осамени околу спротивставувањето на позицијата на Брисел нови пари за сервисирање на долгот и за покривање на грчката неликвидност да има само ако се спроведуваат еднаш договорените и прифатени реформи.

Според „Дејли Телеграф“, во вакви услови Владата на Грција се одлучила на едно „геостратешко салтомортале“, па Ципрас денеска престојува во Москва на средба со рускиот претседател Владимир Путин, на само еден ден пред обврската на Грција кон ММФ за исплата на рата од кредитот во износ од 448 милиони евра.

Посетата, претходно, беше предвидена за мај, но нејзиното одржување е забрзано затоа што на Атина итно и се потребни пари кои партнерите од ЕУ не ги даваат без гаранции дека ќе се спроведуваат тешките, но неопходни реформи во домашната економија, а верува дека може да ги најде во Москва, оценува весникот.

Врските на Грција и Русија имаат длабоки корени не само во православието, туку и во историјата кога рускиот цар Александар Први и помогна на Грција во ослободувањето на земјата од 400-годишното ропство под Отоманската Империја.

Уште веднаш по победата на изборите во јануари годинава, Ципрас ги осуди санкциите на ЕУ кон Русија воведени поради украинската криза, а соноќа пред да тргне за Москва уште еднаш се спротивстави на санкциите нарекувајќи ги „пат што никаде не води“.

Лондонскиот весник забележува дека грчко-руските односи, сепак, се нешто повеќе од усогласеноста околу санкциите на Западот. Тоа посебно се однесува на економската соработка и трговската размена меѓу двете земји, која минатата година достигна 10 милијарди долари најмногу поради големото користење на рускиот гас, што ја прави Русија најголем трговски партнер на Грција.

Грчкиот министер за енергетика минатиот месец беше во Москва и побара од руските компании да се вклучат во истражувањето на нафта и гас во североисточниот дел на Егејското Море.

Но, „Дејли Телеграф“ проценува дека иако Москва ќе издвои „мал износ финансиска подршка“, Русија не е во состојба да и ги обезбеди на Грција парите што и се потребни за да остане во еврозоната.

Грција има вкупен долг од 315 милијарди евра кои Русија не може ни приближно да ги обезбеди и да ги сервисира, особено сега кога поради падот на цената на нафтата, а од скоро и на гасот, како и санкциите од САД и ЕУ, земјата се најде во сериозна криза, а нејзината економија во рецесија. Дури Русија и да сака да ја внесе Грција во својата геополитичка сфера на влијание, не ќе може да го постигне она што на оваа земја и е потребно, констатира весникот.

Определбата на официјална Атина за свртување кон Кина, за „Дејли Телеграф“ има поинаква димензија од онаа со Москва, но ја покажува, како што вели, недоследноста на новата левичарска Влада.

Кина уште со претходните грчки влади се договори да купи една третина од најголемото грчко пристаниште во Пиреја. Сириза, која тогаш беше опозиција, се спротивстави на „распродавањето на грчкото богатство“, а во предизборната кампања најавуваше преиспитување на веќе направените договори.

Сега, меѓутоа, новата Влада бара од Кинезите да откупат други две третини од пирејското пристаниште, што останаа под државна контрола. Грчката Влада настојува по секоја цена да најде купувачи на нејзините краткорочни долгови, па тоа и е понудено и на Кина, која засега се одлучи само со инвестиција од 100 милиони евра, што се оценува како „гест на добра волја“.

Атинската Влада бара и од Иран да помогне во сегашната ситуација, купувајќи дел од грчките обврзници, иако Техеран во овој момент се чува како резервна опција, додава лондонскиот весник.

Најсилната критика за ваквото „погрешно и за Грција опасно“ вртење на Ципрас кон Исток доаѓа од претходниот премиер Андонис Самарас.

– Кога сте во ЕУ, а барате Иранци, Руси и Кинези да ви го покријат вашиот дефицит, вие им праќате порака на другите во Унијата дека не сте вистинскиот Европеец, изјави Самарас.

Би можело да ве интересира

Двајца Македонци осудени на по пет години затвор во Грција, внесувале фалсификувани лични документи

Грција воведува шестдневна работна недела

ВИДЕО: Уапсени двајца Срби, поранешни членови на „Пинк Пантер“ – оргабувале златарници во Атина

Земјотрес го погоди денеска грчкиот остров Самос

Преспанскиот договор оспорен во предизборието, анализира грчки Катимерини

Александар Тодески

Дводневен штрајк на царинските служби во Грција

Орце Костов