Дали ХДЗ може да го копира германскиот модел?

Од:

Заминувањето на Мартина Далиќ од ХДЗ го актуелизираше вечниот судир на двете економски концепции – либаралната и социјално-пазарната. Партиските колеги и забележаа на отпадничката на ХДЗ дека заговара либерален стопански концепт додека тие ја темелат стопанската програма на моделот на социјално-пазарната економија по примерот на Германија.

– Постои концепт на социјално-пазарна економија кој го заговара демохристијанската партија, па така и ХДЗ во својата програма која сеуште се подготвува. Од друга страна постои и неолиберален пристап на стопанството, а една негова варијанта, за жал, ја доживуваме и ние во Хрватска.

Мартина Далиќ повеќе го заговараше неолибералниот пристап и веројатно тоа е една од причините поради која се одлучи да појде по свој пат, а ние и посакуваме се најдобро – коментираше Жељко Реинер во име на партија, а околу заминувањето на истакнатата членка.

Што е всушност концепт на социјално-пазарна економија и по што тој се разликува од либералниот модел? Социјално-пазарната економија се темели на почитување на пазарните принципи, но истовремено на државата и дава значителна улога во исправање на неправдите до кои доведува слободниот пазарен натпревар.

Основните конститутивни фактори на овој модел се пазарната конкуренција и слободното формирање на цените, отворен пазар, приватно претприемништво и правна безбедност.

Со усвојување на овие пазарни институти се постигнува основната цел, а тоа е ефикасност на стопанските субјекти. Меѓутоа, овој модел поаѓа од претпоставката дека без дополнителни интервенции на државата не можат да се остварат принципите на социјалната држава. Поради тоа државата воведува регулативни принципи со чија помош се намалува нееднаквоста и се овозможува сигурност на сите кои останале без приходи поради болести, невработеност или старост. Тоа се постигнува со даночната политика, политиката на платите, со контрола на монополот и слично.

Економистот Зоран Аралица смета дека во денешниот свет не постојат чисти модели, туку државите комбинираат различни елементи од либералниот и социјално-пазарниот модел. Нај очигледна разлика се гледа во односот на политичката олигархија и финансискиот сектор.

– Додека во претежно либералните општества како САД и Велика Британија, финансиската олигархија е над политичката, што јасно го покажа последната голема финансиска криза, во германскиот модел политиката се обидува да го контролира финансискиот сектор –вели Аралица.

И економскиот аналитичар Лука Бркиќ се согласува дека во практика нема чисти модели, но притоа потенцира дека и германскиот социјално-пазарен модел всушност е либерален, со оглед на тоа дека во прв план се пазарните слободи кои треба да доведат до поефикасно стопанство.

– Разликата е во тоа што во Германија државата има малку поспецифична улога, т.е. се грижи за тоа оствареното богатство да се распредели поправедно – вели Бркиќ.

Во тој контекст Бркиќ истакнува дека изјавите на академикот Реинер, во кои го посочува Мартин Далиќ поради неолибералниот пристап, покажаа дека тој не разбира што е пазарно стопанство.

Кога станува збор за хрватската економска реалност, еден дел левоориентирани експерти сметаат дека постоечкиот модел е премногу либерален, додека економистите од либералната провиненција сметаат дека имаме премал пазар бидејќи државата има преголемо влијание на стопанството. Аралица смета дека немаме јасна концепција.

– Ги препишуваме германските закони, а во реалноста спроведуваме англосаксонски либерален модел – истакна Аралица.

Според него, тоа е најочигледно во јакнењето на индивидуалниот тип на сопственоста, додека социјално-пазарниот модел преферира заедничка сопственост над капиталот.

Стопанската програма на ХДЗ е конципирана на социјално-пазарен модел и сеуште е под превез на тајна па не знаеме кои клучни промени ги предвидува во економската стратегија и во политиката. Аралица смета дека за Хрватска би било клучно покрај германскиот модел да се усвои принцип платите во производниот сектор да ги одредуваат платите во непроизводниот сектор, а за да се постигне тоа, треба договор на трудот и капиталот.

– Кај нас тоа тешко може да се постигне бидејќи производниот систем систематски е уништен – тврди Аралица, поткрепувајќи го тоа со податокот за 500.000 помалку работни места во преработувачката индустрија денес, во однос на периодот на втората половина од 80-тите години.

– Од друга страна, германскиот производствен сектор е трет според извозот во светот во овој момент, за разлика од нашиот, кој е на 90 место – додаде Аралица.

На прашањето дали поради тоа во Хрватска постои несразмерност меѓу платите во државниот и приватниот сектор, Аралица одговори дека очигледно постои послаба врска меѓу трошоците на трудот и продуктивноста во јавниот сектор во однос на приватниот сектор. Сепак, смета дека не е добро јавниот сектор директно да се споредува до приватниот сектор и да се прогласува за недоволно компетентен.

Бркиќ не верува дека може да се постигне нешто со обидите за копирање на германскиот ниту било чиј друг модел.

– За жал, ништо не можеме да копираме од Германија. Овој модел постои веќе 50 години и граден е како автентичен, со сите проблеми кои ги имаа Германците. Хрватска е во сосема друга ситуација. Мора да согледаме со што располагаме и користејќи ги сите искуства да направиме своја стопанска концепција – верува Бркиќ.

Како настанал моделот на социјално-пазарна економија?

Социјално-пазарната економија во економската теорија е позната како германски посебен пат, а во економската политика како трет пат меѓу комунизмот и либерализмот. Го развила група економисти и социолози, теолози и правници уште во 30-тите години на Универзитетот во Фрибург, а подоцна, во времето на Лудвиг Ерхарт, првиот германски министер за стопанство по Втората светска војна, Христијанско-демократската унија ЦДУ, ја постави како стопански систем во Германија.

Т-портал.хр – Загреб

Би можело да ве интересира

Убиен работник од Украина во Славонски Брод

Горан Наумовски

Земјотрес во Риека: Се тресеше тлото во Хрватска

Горан Наумовски

Германските медиуми за изборите во Хрватска: Најверојатно ќе започне фаза на нестабилност

Отворени избирачки места на парламентарните избори во Хрватска

Невреме ја зафати Хрватска, метеоролошкиот аларм е на сила за целата земја

Горан Наумовски

Вучиќ: Недозволиво, ќе го гониме напаѓачите на хрватските новинари