Дачиќ и Тачи ја започнаа петтата рунда преговори во Брисел

Од:

Премиерите на Србија и на Косово, Ивица Дачиќ и Хашим Тачи го започнаа петтиот круг од преговорите за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина.

Како и во претходните рунди од дијалогот, двајцата премиери прво се сретнаа одделно со високата претставничка на ЕУ за надворешна плотика и безбедност Кетрин Ештон, под чие покровителство двете земји ги водат разговорите на високо ниво.

Се очекува петтиот круг од дијалогот да продолжи и утре пред се поради важноста на темите.

Портпаролот на Ештон, Маја Коцијанчич на прес-конференција по денешните одделни средби потврди дека овојпат за разговорите е одвоено повеќе време бидејќи Европската комисија очекува натамошен напредок во дијалогот, повторувајќи дека северниот дел на Косово е меѓу клучните теми.

Како што јави Танјуг, премиерот Дачиќ денеска веројатно за време на едночасовната пауза ќе се сретне и со Филип Рикер, американскиот дипломат задолжен за Балканот, а потоа разговорите со Ештон и Тачи ќе продолжат до доцна во ноќта.

Непосредно пред средбата со Ештон, Дачиќ изјави дека Србија ќе инсистира на создавање заедница на српските општини во Косово, која би имала јасни надлежности во образованието, науката, судството… и Србите сами би ја избирале власта. Тој повтори дека нема да има повлекување на српските институции од Косово додека не се постигне конечен договор, дека ќе се бараат цврсти гаранции за секој договор и вети дека српскиот народ на Косово „нема да биде препуштен сам на себе“.

Пред почетокот на дијалогот Тачи нагласи дека нормализирањето на односите со Србија е нешто кое „им го должи на идните генерации“, додавајќи дека Косово е во добри односи со останатите соседи.

Запрашан до каде е подготвен да оди во врска со статусот на Северно Косово, Тачи одговори дека ситуацијата на северот „не е како во другите делови на Косово“ и дека тоа прашање не може да се реши без нормализирање на односите со Србија.

Разговорите не се ограничени со време. Од кабинетот на Ештон соопштуваат дека „дијалогот ќе трае толку, колку што ќе издржат соговорниците“.

Би можело да ве интересира

Советот на ЕУ ги укина визите за Србите од Косово

Таравари, Фетаи и Ќоку, првата посета надвор од земјава ја остварија во Косово

Маж во Косово почина по семејно насилство: Синот е осомничен дека го претепал

Ховениер: Косово да ги исполни сите свои обврски

Инцидент во Косовска Митровица, двајца прободени со нож по финален натпревар

Пеќ: Ранети се три лица, по напаѓачот е распишана потерница

Горан Наумовски