Ципрас: Грчката Влада немаше план за излез од еврозоната

Од:

Грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска изјави дека неговата Влада немала никакви планови за излез од еврозоната, јави дописникот на МИА од Атина.

Ципрас ваквата изјава ја даде во Парламентот, одговарајќи на пратеничко прашање на лидерот на ПАСОК, Фофи Генимата во врска со неодамнешната изјава на поранешниот министер за финансии Јанис Варуфакис за постење на „план Б“.

Грчкиот премиер објасни дека кога партнерите зборувале за „грегзит“, Владата морала да се подготви. Затоа, тој побарал од тогашниот министер за финансии да подготви план за „одбрана на земјата во случај на вонредна состојба“.

Грчкиот весник „Катимерини“ пред извесно време објави транскрипти од телефонски разговор меѓу Варуфакис и инвеститори од Лондон, според кои, наводно, премиерот Ципрас, пред да победи на изборите во јануари го овластил да создаде паралелен систем на плаќање.

Во телефонскиот разговор, воден една недела откако поднесе оставка на функцијата министер за финансии, Варуфакис открива дека во соработка со петчлена екипа со месеци работел на резервен план за создавање паралелен систем на плаќање, во случај Европската централна банка (ЕЦБ ) да ја суспендира исплатата на средства за итни случаи за грчкиот финансиски систем, како што се случи по неуспехот на преговорите со грчката Влада.

„Катимерини“ објасни дека паралелниот систем можел да функционира со плаќања во евра, но преку ноќ можел да се префрли на драхма, ако тоа биде потребно.

– Премиерот, пред да победи на изборите во јануари, ми даде зелено светло да изработам „план Б“. Собрав многу способен тим, кој мораше да биде мал, затоа што работеше тајно, од очигледни причини, рекол Варуфакис.

Тој информирал дека ангажирал експерти за информатичка технологија од Универзитетот Колумбија, кои ќе ги решавале прашањата за логистика и кои, според резервниот план, требало да упаднат во софтверскиот систем на грчката даночната администрација – која во тоа време беше контролирана од страна на „тројката“ (Европска централна банка, Европската комисија и Меѓународниот монетарен фонд), за да се соберат регистарските броеви на даночните обврзници.

– Одлучивме да се пробие софтверската програма на моето Министерство, рекол Варуфакис.

Поранешниот грчки министер за финансии за британски „Телеграф“ призна дека транскриптите од разговорите се точни, но оти грчките медиуми извртеле одредени тврдења.

– Поентата на сето ова е да ме претстават како лош министер за финансии и да бидам обвинет за предавство. Ова е дел од обидот да се поништат првите пет месеци од работата на Владата и таа да заврши на отпадот на историјата. Целосно e искривенo значењето на моите желби за воведување на паралелна валута. Јас отсекогаш сум бил целосно против укинувањето на еврото, бидејќи никогаш не се знае какви мрачни сили би се ослободиле во Европа, изјави Варуфакис за британскиот весник.

Би можело да ве интересира

Заев и Ципрас загрижени за порастот на националистичкиот популизам, ќе работат на зачувување на Преспанскиот договор

A1on

Ципрас: Дилемата на изборите е демократија или Мицотакис

Ципрас достави предлог за гласање недоверба на грчката Влада

А1он

Ципрас бара оставка од Мицотакис

А1он

Ципрас смета дека можно е Мицотакис да оди на предвремени избори

А1он

Ципрас: Случаите со прислушувањата се голем удар за самата демократија и ја ставаат во опасност

А1он