Бавна криза

Од:

Стандарт – Софија

Бугарија преживеа многу кризи во изминатите 28 години – политички, економски, финансиски и банкарски. Но, она што се случува денес додека политичарите настрвено се борат за власт, е далеку поопасно од сите тие.

Иако наизглед ништо страшно не се случува, сепак ден по ден бавно тонеме без никаква идеја како да се извлечеме. Еве ги фактите.

Демографскиот пад

Со секој изминат ден, населението ни се топи – во 2016 година сме помалку за 45,000 души – еден среден по големина град исчезнал од картата на Бугарија. Истата таа година поставивме историски рекорд на најмалку родени деца – околу 60 илјади. А од почетокот на годинава сме се стопиле за уште 7,000.

Официјално, денес би требало да сме седум милиони, но близу два милиони Бугари живеат, работат или учат надвор од границите на земјата и повеќето од нив засекогаш ќе останат таму.

Структурата на населението

Веќе има два милиони и двеста илјади пензионери, над 40 проценти од нив живеват со пензија до 200 лева на месец. Повеќе од половината деца денес се раѓаат во семејства кои тешко се прехрануваат и не им обезбедуваат добро образование и воспитување.

По бројот на инвалиди по глава на жител, сме на едно од челните места во светот. Расте и бројот на луѓето кои не сакаат да се интегрираат во општеството, не работат и не бараат работа.

Неписменост

Бугарите стануваат се понеписмени – веќе сме меѓу првите 50 земји по неписменост, по Киргистан, Туркменистан, Тринидад и Тобаго итн. – во Европа сме на последното 28-мо место. Околу 40 проценти од децата под 16 години се функционално неписмени, а речиси половина од учениците од први до трети клас не го препознаваат бугарскиот јазик како мајчин.

Кај нас важи максимата: „Кај ќе се родиш, таму ќе си останеш“ – само 13 проценти од децата родени во т.н. „непривилегирани семејства“ успеваат да се извлечат од гетото, кое пак станува се поголемо. Училиштето е слабо и не успева да надвладее над средината. Учителите се понижувани и омаловажувани од секаде.

Високото образование со малку усклучоци, не ни е ниту далеку од престижните универзитети во Европа – кај нас дипломи се даваат или продаваат на кило.

Економијата ни доживува остар недостиг на квалифилувани кадри, заради што и инвестициите продолжуваат да се намалуваат, ако имаме ниски даноци.

Уништување на бугарската елита

И покрај тоа што населението ни се намалува, остарува и заглупавува, ние продолжуваме да ја уништуваме домашната кревка елита од која очекуваме да не извлече од продолжената криза и да не поведе напред. Се повеќе млади образувани луѓе ја напуштаат земјата, а оние кои остануваат не се сигурни за својата иднина.

Интелигенцијата е напикана во тегла, а секој кој дојде на власт ги расчистува кадрите под себе за да се огради „со свои луѓе“. Заради тоа, во Парламентот, Владата и во сите останати државни институции се почесто се појавуваат луѓе кои не се за таму. Тие создаваат хаос во државата – непрекинато менуваат закони и подзаконски нормативни акти и спроведуваат безумни реформи во својата област.

Оние кои ќе дојдат по нив до власта, ги засукуваат ракавите и започнуваат контрареформи – воведуваат и менуваат отпечатоци од прсти, сопираат или менуваат градежни работи на големи инфраструктурни проекти, и тн.

Здравството е под секоја критика. Имаш ли пари – се лекуваш, а ако немаш – Бог да ти е на помош. Висококвалификувани лекари и медицински сестри ја напуштаа Бугарија при првата шанса или бараат преместување во скапи приватни клиники.

Како резултат на сето тоа, Бугарија е најсиромашната држава во ЕУ – со годишен БДП од 5.400 евра по глава на жител. Пред нас е Романија со 7.200 евра по глава на жител, а во Германија се радуваат на 35.000 евра по глава на жител. Заради тоа, нашиот економски раст од три проценти изгледа микроскопски, односно крајно недоволен.

Сето тоа се нарекува бавна криза, а таа е најстрашна. Втерани во некакви измислени проблеми и реформи, ние не и обрнуваме посебно внимание, а таа го стега обрачот околу нас со секој изминат ден.

Наместо да се чукаме во градите, слично на прочуениот херој Алеко Константинов, треба да си признаеме дека еден опаднат по бројност, сиромашен, болен и необразуван народ со слаби и корумпирани институции не може да создава силна економија за да живее подобро. Од таа криза нема брзо излегување. Секој повторно и повторно ветува дека утре се ќе биде добро ако се добере до власта или не е најјасно што се случува во државата или безобразно лаже.

Веќе е јасно дека т.н. реформи и реформатори нема да и помогнат на Бугарија. Министерскиот совет (Владата) и Народното собрание не си ја вршат работата. На Бугарија и е нужна тотална промена на приоритетите, вредностите и стилот на управување, кои ќе најдат одраз во идните закони и државниот буџет. Потребен ни е и долгорочен план за запирање на процесите за кои веќе стана збор.

Во различни партии има разумни луѓе кои го разбираат сето ова, но никој од нив не е во состојба сам да ја смени Бугарија од проста причина – нема доволно општествена поддршка.

Политичкиот пејзаж е толку разбиен, непријателски и маглив, што постои голема опасност по следните избори во март повторно да не биде формирана стабилна Влада. Затоа сега повеќе од кога било ни треба повеќе смиреност и разум, ни требаат обединители и државници кои ќе си подадат рака во име на Бугарија.

Ако тоа не се случи по претстојните парламентарни избори, се плашам дека луѓето ќе побараат целосна промена на поголемиот дел од сегашната политичка класа. Но дали тоа ќе се случи на демократски начин?

Би можело да ве интересира

Бугарската амбасада во Албанија донираше во општина Пустец: „Секоја донација без задни намери е добредојдена“

А1он

Бугарија гради база за прием на авиони Ф-16

ВИДЕО: Бугарија повторно има преодна влада, на избори оди на 9 јуни

Романија и Бугарија делумно влегоа во Шенген зоната

Нов земјотрес ја стресе Бугарија

Бугарија оди на нови избори