Мнозинството граѓани од Западен Балкан не стравуваат од терористички напади во своите земји, но се резервирани за тоа дали државата е способна да ги заштити, покажува истражувањето на агенцијата Ипсос, пренесува Танјуг.
Меѓу граѓаните на Црна Гора и Босна и Херцеговина преовладува мислењето дека нивните земји не се способни да се справат со оваа опасност, додека граѓаните на Србија и Хрватска се оптимистички настроени.
Најмалку се плашат од тероризам во Црна Гора, а во Босна и Херцеговина и Македонија се повнимателни.
Анкетата, во која учествувале 1.000 луѓе од секоја земја од регионот, покажува дека според 39 проценти од Црногорците во следните три до пет години сигурно нема да има терористички напади, според 40 проценти веројатноста за тоа е мала, а четири проценти мислат дека сигурно ќе има терористички напади.
На прашањето колку Црна Гора е подготвена да ги заштити своите граѓани, 22 проценти сметаат дека воопшто не е способна, 31 проценти – генерално земено не е способна, а 10 проценти имаат целосна доверба во способноста на државата да ги заштити.
Во Хрватска, 75 проценти сметаат дека нема да има терористички напади, а од нив, 21 процент, се целосно сигурни во тоа. Околу 17 проценти од анкетираните Хрвати сметаат дека има голема веројатност за терористички напади, а пет проценти се целосно сигурни дека ќе има напади.
Што се однесува до заштитата од тероризам, 51 отсто од Хрватите сметаат дека државата е способна да ги заштити, 28 проценти – дека не е, а 15 проценти мислат дека државата воопшто не може да ги заштити граѓаните.