Американски и хрватски пари за полигонот во Слуњ

Од:

Радио слободна Европа – Прага

Хрватска има амбициозни планови со 240 квадратни километри на големиот воен полигон во Слуњ. Со заедничка хрватско-американска инвестиција се планира да се доврши неговата модернизација и да се претвори во најмодерен воен полигон во овој дел од Европа. 

Претседателката на Хрватска и врховен командант на Вооружените сили на Република Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ и началникот на Генералштабот на Вооружените сили генерал Драго Ловриќ, во текот на минатонеделната посета на САД го посетија и воениот полигон на Националната гарда Минесота Камп Рипли. Планот е во следните 10 години воениот полигон Еуген Кватерник во Слуњ со иста големина како и Камп Рипли, да се модернизира врз основ на американското искуство.
„Значи ние ќе ја користиме способноста и финансиските средства на САД и наши буџетски пари за да го развиеме полигонот Слуњ така да биде најмодерен полигон во Европа‟ – изјави генерал Ловриќ.
Воениот полигон „Еуген Кватерник‟ е најголем во Хрватска и се протега на 240 километри, најмногу на подрачјето на градот Слуњ, а во мал дел и на подрачјето на општините Тоуњ, Јосипдол, Плашки, Саборско и Раковица. Го изградила ЈНА уште во 1965 година, а во последните години е вложен голем напор на неговата модернизација, од хрватската и од американската страна. Националната гарда на Минесота соработува со војските на Канада, Норвешка и Хрватска, заедно со припадниците на Хрватската војска учествуваат во мисијата во Авганистан, припадниците на Националната гарда од Минесота во повеќе наврати се обучувале на полигонот во Слуњ и споделувањето на искуствата од развојот и управувањето на Кампот Рипли со хрватската страна било логично.
Планот е полигонот да биде сертифициран во рамки на стандардите на НАТО и да го користат не само Хрватска и другите членки на НАТО, туку и трети земји, за вежби и обука, со што би се пополнувал и буџетот на хрватското Мин. за одбрана. Хрватската делегација во Камп Рипли го посети наставниот центар, кантината и системите за симулаторите. Претседателката на Хрватска седнала во симулатор на лет на борбен хеликоптер OH-58D Kiowa. 16 такви хеликоптери САД ќе подари на Хрватска, па вкупниот износ на американската воена помош на Хрватска до крајот на оваа година ќе биде над половина милијарда долари.
„Успеав да направам круг околу аеродромот, да се вратам назад и да го спуштам хеликоптерот, а да не го уништам. Слетавме добро, значи нема проблем‟.
Симулаторите се поставени да се намалат трошоците, како и поради екологијата, која во целата приказна е многу важна.
„На полигонот Слуњ значајно ги намаливме топничките и сите други активности во однос на поранешната ЈНА, која користела потешки проектили, поголеми експлозивни направи и се друго, додека ние тоа во голема мера го симулираме и го намалуваме влијанието на околината‟ – објаснува Ловриќ.
Локалната градска власт на ХДЗ во Слуњ малку негодуваа на оваа вест, но брзо се повлекоа. ХДЗ ја презема власта во градот кога пред неполни две години оставка даде независниот слуњски градоначалник Жељко Рендулиќ, протестирајќи поради тоа што Мин. за одбрана престана да биде обавезно да плаќа на градот комунален надомест за полигонот. Со тоа Слуњ остана без 4,5 милиони куни годишно, што е третина од изворните приходи на градот.
„Јас само сакав локалната заедница да добие надомест за активностите кои се случуваат на нејзиното подрачје‟ – вели Рендулиќ.
„Меѓутоа, очигледно е дека од тоа нема да биде ништо. Претпоставувам дека се се движи кон насока која е претходно зацртана и договорена‟.
Претседателот на еколошкото здружение „Еко Кварнер‟ Вјеран Пиршиќ признава дека користењето на НАТО стандардите донело подобрување на многу воени полигони, па така и во Слуњ.
„Луѓето кои порано во времето на ЈНА го користеле тој погон како активните воени лица и кои го користат денес, велат дека разликата е голема. Но, фундаментално прашање е дали можат така редуцирани, контролирани и подобрени активности воопшто да се одвиваат на таков простор‟? Затоа, пред било какво продолжување на градежните работи на полигонот во Слуњ, кој се наоѓа меѓу двете Плитвички езера на реките Корана и Мрежница, тој предлага изработка не на една, туку на две независни студии за влијанието на околината. 

Би можело да ве интересира

Убиен работник од Украина во Славонски Брод

Горан Наумовски

Земјотрес во Риека: Се тресеше тлото во Хрватска

Горан Наумовски

Германските медиуми за изборите во Хрватска: Најверојатно ќе започне фаза на нестабилност

Отворени избирачки места на парламентарните избори во Хрватска

Невреме ја зафати Хрватска, метеоролошкиот аларм е на сила за целата земја

Горан Наумовски

Вучиќ: Недозволиво, ќе го гониме напаѓачите на хрватските новинари