Би-Би-Си – Лондон
Ова е огромна земја со огромни легенди. Нема патишта, нема постојани градби, само бескрајно чисто небо, израсната сува трева и непрекинати ветрови. Застанавме да се напиеме чај од солено млеко во еден од шаторите на номадите и да фотографираме непрегледни стада коњи и кози. Понекогаш застанувавме колку да застанеме – провинцијата Омногови во Монголија е бескрајна ако патувате со автомобил. Можам да замислам како е ако сте на коњ.
Но ова е земјата на Џингис Кан, воинот кој го освоил светот на коњ.
Оваа приказна е полна со киднапирања, крвопролевања, љубов и одмазда.
Но таква е историјата. Легендата започнува со неговата смрт.
Џингис Кан некогаш владеел со се, од Пацификот до Каспиското Море. Пред смртта, тој побарал да го закопаат на тајна локакција. Ожалостената војска го донела неговото тело дома, убивајќи секого кој ќе им се најдел на патот. Кога императорот конечно бил закопан, неговите војници со 1000 коњи јавале врз земјиштето каде бил закопан за да уништат секаква трага.
Осумстотини години по смртта на Џингис Кан, никој се уште не го пронашол неговиот гроб.
Експедиции предводени од странци го барале гробот на основа на историски текстови, преку целата земја, па дури и од вселената – во проектот Долината на кановите на Нешенел џиографик биле користени сателитски снимки во масовната потрага по гробното место. Но најголемиот интерес за лоцирање на гробот е интернационален. Монголците не сакаат тој да биде пронајден.
Не дека Џингис Кан не е значаен во неговата земја – напротив. Неговиот лик е на парите и на водката; можеби не бил волку популарен уште од неговата смрт во 1227 година. Затоа за странците е тешко да сфатат зошто барањето на неговиот гроб се смета за табу.
Одбивноста често од страна на странските медиуми се смета за проклетство, верување дека светот ќе пропадне ако биде откриен гробот на Џингис Кан. Ова потсетува на легендата за Тармалин, турско-монголскиот крал од 14-от век, чиј гроб бил отворен во 1941 година од советски археолози. Веднаш по нарушувањето на мирот на гробот, нацистичките војници го нападнаа Советскиот Сојуз, со што се отвори крвавиот Источен фронт во Втората светска војна. Суеверните луѓе можат да го опишат ова како причина и последица.
Но мојата преведувачка Велум, нема такви дилеми. Младата Монголека дипломирала меѓународни односи на Државниот универзитет Бурјат, во Улан-уде, Русија, и не гледа тука суеверие. Според неа, се работи за почит. Џингис Кан не сакал да биде пронајден. „Тие направиле се за да го сокријат неговиот гроб“, потенцира таа. Негото отворање сега би ја нарушило неговата желба.
Ова е општ став. Монголија е земја со долга традиција и длабока гордост. Многу семејства дома имаат таписерии со портретот на Џингис Кан. Некои се идентификуваат и како „зпатни наследници“ и го бараат потомството во кралската фамилија. Низ цела Монголија, воинот останува моќна икона.
Потрага по гробот на Џингис Кан
Покрај културолошкиот притисок да се почитува смртната желба за таинственост на Џингис Кан, повеќе технички проблеми се пречка во потрагата на неговиот гроб. Монголија е огромна и неразвиена, повеќе од седум пати поголема од Велика Британија, и само два проценти од земјата е покриена со патишта. Густината на населението е толку мала што само Гренланд и неколку други далечни острови се помалку населени од неа. Оттука, се што гледате е само недогледна дивина. Изгледа дека човештвото е тука само колку да се брои: далечните бели стада или храм од камен искитен со знаменца со молитви. Таквиот пејсаж длабоко ги крие своите тајни.
Д-р Диимаџав Ерденебатаар отишол подалеку и станал археолог. Како шеф на Одделот за археологија при Државниот универзитет во главниот град Улан Батор, д-р Ерденебаатар учествувал во првата експедиција за откривање на гробот. Јапонско-монголскиот проект, наречен Гурван Гол (или Три реки), се фокусирал на родното место на Џингис Кан во провинцијата Кеенти, каде течат реките Онон, Керлен и Туул. Тоа се случило во 1990, истата година кога се случила и Монголската демократска револуција, кога земјата мирно ја отфрлили комунистичката влада и воведе нов демократски систем. Тоа осто ја прекинало и потрагата по Џингис Кан, а јавните протести го сопреле проектот Гурван Гол.
Јас и Велун се сретнавме со д-р Ерденебаатар на државниот универзитет во Улан Батор за да разговараме за гробови – посебно за совпаѓањата на неговиот сегашен проект и почивалиштето на Џингис Кан. Од 2001, д-р Ерденебаатар учествувал во ископувањето на два милениуми стари гробишта на кралевите Сионгну, во провинцијата Аркангаи во централна Монгилија. Тој верува дека Сионгиу биле претци на монголите – теорија во која верувал и самиот Џингис Кан. Ова може да значи слични погребни церемонии, а гробовите Сионгну можат да илустрираат као би изгледал гробот на Џингис Кан.
Кралевите Сионгну биле закопувани повеќе од 20 метри под земја во посебни комори, а локациите биле обележувани со четвртести камења. На д-р Ерденебаатар му требале 10 лета да го ископа првиот гроб, кој претходно исто бил отворен од крадци. И покрај ова, таму пронашол големи количини скапоцени нешта, што укажува до каде стигнала дипломатијата на Сионгну: кинеска кола, римски стаклени садови и многу скапоцени метали.
Тој ме одведе до малиот археолошки музеј во универзитетот да ги видам артефактите. Златни и сребрени украси биле закопани заедно со коњи кои биле жртвувани на гробното место. Тој ми укажа на изгравираните леопарди и еднорози – кралски прикази кои исто ги користеле Џингис Кан и неговите наследници.
Многумна веруваат дека гробот на Џингис Кан ќе биде преполн со слични богатства собрани низ целата монголска империја. Тоа е една од причините за големата заинтересираност на странците. Но ако Големиот Кан бил погребан во стилот на Сионгну ќе биде малку потешко – ако не и невозможно – тоа да се знае. Таквиот гроб може да биде сокриен само со едноставно отстранување на камените плочи. Ако главната просторија е 20 метри под земја, просто невозможно да се најде во беспаќето на Монголија.
Го прашав д-р Еренебаатар дали смета дека Џингис Кан може некогаш да биде пронајден, тој одговори со смирено, скоро индиферентно одмавнување со главата. Нема доволно животни векови за тој тоа да го стори. Сторијата е преголема.
Можна трага на забранета локација
Народните кажувања велат дека Џингис Кан бил закопан на врвот од планината Кентли, наречена Буркан Калдун, скоро 160 км. североисточно од Улан Батор. Тој како млад се криел од непријателите во таа планина и се заколнал дека ќе се врати таму да умре. Сепак, меѓу научниците постои дилема каде прецизно тоа би било на планината – ако воопшто е таму.
– Тоа е света планина, вели д-р Содном Цоломон, професор по историја на државниот универзитет во Улан Батор, кој е специјалист за историјата на Монголија од 13-от век. „Тоа не значи дека тој е таму закопан“.
Професорите ги користтат историските записи да ја откријат локцијата на гробот на Џингис Кан. Но сликата која тие ја создаваат често е контрадикторна. Илјадниците коњи кои трчаат значат дека тоа се случило во долина или висорамнина, како во случајот со гробовите на Сионгну. Но тој се заколнал дека ќе се врати на планината. Нештата уште повеќе се комплицираат кога монголскиот етнолог Бадамкатан открил пет планини кои народот ги нарекувал Буркан калдун (исто тој заклучил дека модерната Буркан калдун е најверојатно оваа сега познатата).
Ниту Цоломон ниту пак јас можеме да се качиме на Буркан калдун; на жените им е забранет пристап на светата планина. Дури и околината била забранета за кого било освен за кралското семејство. Претходно познато како Ик Кориг, или „Големото табу“ сега е тоа строго заштитената област Кан Кентии и признато од УНЕСКО како место од светско културно значење. Откако го доби ова признание Буркан Калдун стана недостапно за истражувачите, што значи дека која било теорија дека таму лежи Џингис Кан сега останува недокажана.
Почитување на последната желба на воинот
Со изгледноста дека гробот останува ндвор од досегот, зошто тогаш тоа останува толку контроверзна тема во Монголија? Џингис Кан е просто најголемиот херој на Монголија. Западниот свет го знае само тоа што тој го освоил, но Монголците го чествуваат тоа што тој го создал. Неговата империја ги поврзала западот и истокот, овозможувајќи му на Патот на свилата да процвета. Неговото владеење ги вовело концептот на дипломатскиот имунитет и верските слободи. Тој создал ефикасна поштенска служба и употреба на хартиените пари (банкнотите). Џингис Кан не го освоил само светот, тој го цивилизирал.
Тој до денес останува личност за кого се има огромна почит – и токму затоа Монголците како Велун сакаат неговиот гроб да остане неоскрнавен.
– Ако тие сакале ние да го пронајдеме, ќе ни оставеле некаков траг, беше последно што таа ми рече.