Во чест на големиот кантавтор Ѓорѓе Балашевиќ, во Подгорица, Црна Гора, е отворен парк посветен на славниот пејач од Нови Сад, Војводина, Србија.
Паркот е официјално пуштен синоќа, на денот кога славниот новосаѓанец би го прославил својот 68. роденден. Со овој гест, Подгорица се прости од Балашевиќ. Тој почина на 19 февруари, на 67-годишна возраст поради компликации по пневмонијата.
Градоначалникот на Подгорица, Иван Вуковиќ изјави дека градот одлучил да му се оддолжи на „панонскиот морнар“ не со зборови, туку со конкретно дело.
– Кога ја слушнавме веста за предвременото заминување на Ѓорѓе Балашевиќ на 19 февруари годинава, тага завладеа во Подгорица, како и во целата поранешна Југославија. Сите имавме чувство дека изгубивме некој наш, некој најблизок. Не можевме да ги најдеме зборовите за да го опишеме тоа чувство на тага. Затоа, чувствувајќи ја потребата, поради сè што тој ни даде, на помладите, но и на постарите, решивме да му се оддолжиме на „панонскиот морнар“, не со зборови, туку со дела!, рече Вуковиќ.
Тој притоа рече дека идејата за парк потекнала од самиот народ на Црна Гора,
– Стотици луѓе пишуваа, посочуваа дека тоа треба да биде парк, бидејќи парковите траат подолго, а споменот на Ѓорѓе Балашевиќ треба да трае вечно. Ова ќе биде место каде што ќе се слави љубовта, слободата, животот, начинот на којшто пееше Балашевиќ и сè она што нè инспирира, рече Вуковиќ.
Паркот, покрај уредените патеки, клупи и лулашки, е украсен и со 68 садници со разни видови дрвја на повеќе од 5.000 квадратни метри, како и табли со стихови од Балашевиќ.