Американската компанија „Гугл“ лансира во стратосферата 30 балони кои преку бежични предаватели монтирани во нив ќе го направат Интернетот остапен во најдалечните делови на Нов Зеланд.
Овој пилот проект под името „Лун“ претставува почеток на кампањата на интернет гигантот да овозможи пристап до Интернет во најдалечните делови на планетата Земја.
Лабораторијата на „Гугл“ од каде досега излезе автомобилот без возач и очилата за сурфање на Интернет, работеше година и половина да дојде до првиот пробен лет на балонот. Целта на проектот е лансирање на илјадници балони во стратосферата и со тоа надминување на дигиталниот јаз меѓу 2,2 милијарди луѓе што користат Интернет и 4,8 милијарди кои се надвор од мрежата.
Доколку проектот успее, технологијата ќе овозможи намалување на трошоците за поставување оптички кабли и ќе помогне за зголемување на користењето на Интернетот во Африка, југоисточна Азија и други изолирани делови на светот.
– Интернетот е веројатно една од технологиите што најмногуго променија нашето време, изјави лидерот на проектот Мајк Кесиди.
Балоните се напојуваат прекусоларни плочи кои за четири часа обезбедуваат доволно енергија за цел ден. Тие се движат под сателитите, но на висичина двојно поголема од авионите, додека сигнал примаат од станици на земјата.
Сигналот патува низ делови за кои не е потребна дозвола, поради што компаниите нема да мораат да минуваат низ комплицирани постапки со цел да обезбедат бежична комуникација.
Сите корисници на Интернет преку„Гугл“ ќе мораат да поседуваат приемник, кој треба да биде поврзан со компјутер за да добие сигнал. Трошоците за тоа се уште не се познати. Следната фаза од проектот, според Мајк Кесиди, предвидува лет на 300 балони јужно од Нов Зеланд, над Австралија и Чиле.