Табу во Америка, бракот меѓу блиски роднини не е толку редок како што се мисли

Од:

Глас на Америка – Вашингтон

Што е заедничко за познатите личности од американската историја, како што се писателот Едгар Алан По, одметникот од Дивиот Запад Џеси Џејмс и физичарот Алберт Ајнштајн? Сите, наводно, се ожениле со свои блиски роднини – братучетки или тетки.

Дали брак меѓу роднини е дозволен, во САД зависи од држава до држава. Венчавање на блиски роднини – деца од двајца браќа или од две сестри или од брат и сестра – со закон е дозволено во 25 сојузни држави.

Во некои култури низ светот, таков брак честопати се поттикнува, не само за да се зачува богатството во рамките на семејството, но во некои случаи да се зачува тој „добар улов“ да не биде оставен на некој странец. Сепак, оваа пракса во САД генерално се смета за табу-тема.

Противењето на брак меѓу први братучеди во САД потекнува уште од пуританците, едни од првите европски доселеници во Америка кои се спротивставија на таквите заедници во 17 век, според списите во книгата „Еднокрвност во контекст”, на медицинскиот генетичар Ален Битлс.

Бракот се смета за еднокрвен, кога брачните другари се роднини од второто колено или поблиску.

Првите закони против бракот меѓу први братучеди се појавија за време на Граѓанската војна. Канзас ја укина праксата во 1858 година, а по него и Невада, Северна и Јужна Дакота, Вашингтон, Њу Хемпшир, Охајо и Вајоминг во 1860-тите.

Браковите меѓу блиските роднини некогаш биле популарни кај повисоките класи во САД, но ваквите практики драматично се намалија во средината и кон крајот на деветнаесеттиот век, веројатно затоа што напредокот во транспортот и комуникациите им овозможи на младите луѓе да имаат пристап до повеќе можни сопружници.

Исто така, како што се намалуваа семејствата, исто така имало помал број роднини кои би можеле да стапат во брак. И жените станале понезависни во тоа време, така што биле подобрени и нивните можности за брак.

Еден од оние кои најмногу влијаеја на американското јавно мислење за ова прашање беше свештеникот Чарлс Брукс од Масачусетс, кој на состанокот на Американското здружение за унапредување на науката (АААС) во 1855 година објави труд, во кој се наведува дека браковите меѓу блиски роднини довеле до раѓање деца со вродени маани.

Александар Греј Бел, најпознат како изумител на телефонот, исто така, учествувал во дебатата. Тој предложил воведување закон со кој ќе се забранат еднокрвните бракови во семејства каде што има луѓе кои се глувонеми за децата да не го наследат тоа нарушување.

За време на седумгодишно истражување на Универзитетот „Колумбија“, чии резултати беа објавени во 2018 година, беше откриено дека децата чии родители се роднини од прво колено имаат шанса од четири до седум проценти да бидат родени со вродени дефекти, во споредба со три – четири проценти кога родителите се подалечни роднини.

Од 1650 до 1850 година, просечната личност била роднина од четврто колено со својот брачен другар, покажува студијата. До 1950 година, просечна личност би се венчала со некое лице кое е роднина од седмо колено. Истражувачите веруваат дека двојките кои се во брак денес се роднини од 10 до 12 колено.

Податоците за еднокрвните бракови во САД се „штури и нецелосни“, тврди Ален Битлс. Веб-страницата за лица кои се во романтична врска со свој роднина CousinCouples.com проценува дека еден од илјада бракови во Америка е меѓу роднини од прво колено.

Но Битлс смета дека таа бројка е нереално ниска.

– Во последно време, многу миграциски двојки доаѓаат во САД од земји каде што еднокрвните бракови се традиција и можеби не ги откриеле своите предбрачни односи, изјави Битлс за Гласот на Америка.

– Во однос на бројките, ова првенствено се однесува на арапските земји, каде што повеќе од 20 проценти од браковите се еднокрвни, но исто така и во земјите од Јужна Азија, како што се Пакистан и Авганистан, каде што повеќе од половина од браковите можат да бидат еднокрвни, појаснува тој.

Некои сојузни држави дозволуваат бракови меѓу роднините од прво колено само ако двојките не можат да имаат деца, бидејќи се премногу стари или ако еден од брачните другари не може да има деца.

Кога ќе ги занемариме блиските роднини од прво и второ колено, постои одреден број влијателни Американци кои се венчале со подалечни роднини. Претседателите Томас Џеферсон и Џон Адамс обајцата им рекле „да“ на своите роднини од трето колено. Претседателот Френклин Рузвелт се ожени за своја роднина од шесто колено, додека првата сопруга на Руди Џулијано, поранешен градоначалник на Њујорк и актуелен адвокат на претседателот Доналд Трамп, беше негова роднина од трето колено.

Во светот, само неколку земји забрануваат брак меѓу први братучеди.

– Освен САД, тука се Народна Република Кина и Тајван, Република Кореја и Демократската Народна Република Кореја и Филипини, истакнува Битлс.

Дури и во Кина, забраната на бракови меѓу блиски роднини не се спроведува меѓу официјално познати етнички малцинства, каде што еднокрвните бракови се традиционални.

Битлс очекува бројот на бракови меѓу роднини со текот на времето да продолжи да се намалува пропорционално со намалувањето на бројот на членови во семејствата – па ќе има помалку расположливи роднини за брак. Втора причина за тоа е што децата на мигранти го усвојуваат негативното гледање на американската јавност во врска со венчавањето меѓу роднини.

Би можело да ве интересира

Последици од пандемијата во Македонија – помалку бракови, повеќе разводи

Катерина Ѓуровски

Повеќе од 765 милиони малолетници во светот стапуваат во брак пред полнолетство

Ана Ололовска

Средба на здруженија и невладини организации со цел зачувување на традиционалното семејство

Ана Ололовска

Наталитетот зголемен за пет, морталитетот за 9,1 отсто

Нови правила во ЕУ за брачните двојки од различни држави

Наум Локоски

Расте бројот на склучени, но и разведени бракови во Македонија

Наум Локоски