Интересно е што некои од новите функции на новиот Galaxy се всушност стари функции, а добар дел од нив веќе беа промовирани на некои постари модели на смартфони – ако Apple го направеше тоа, интернетот со денови ќе вриеше од критики и коментари дека компанијата е осудена на пропаст.
Samsung многу добро знае дека хардверот не е доволен за нивниот модел да се истакне, па разликите меѓу S3 и S4 се суптилни, како разликите меѓу iPhone 4 и iPhone 5.
Apple е свесен дека постојат одредени граници кога е хардверот во прашање – екранот може да се зголеми, да се понуди поквалитетна завршна обработка, повеќе процесори, повеќе мегапиксели и поголема батерија, но тоа не може да биде долгорочен план за развој. Тоа што ги прави телефоните интересни не е само хардверот туку целиот впечаток – софтверот, екосистемот и апликациите.
Земете ја Siri за пример – тоа е една неверојатна технологија која не прави ништо посебно. Apple би можел да им овозможи на корисниците целосно да управуваат со телефонот преку Siri и контролираат многу работи кои сега не се возможни.
Исто така Siri може да биде инстантен преведувач, апликација која ќе наоѓа евтини летови, ќе препознава нумери – односно се што ќе им текне на развојните програмери.
Дополнителни подобрувања можат да се очекуваат и кај Passbook кој би можел дополнително да му ја олесни работата на паричникот, со тоа што ќе го ослободи од хартиените пари и картичките, како и картите за сите настани што ги посетуваат корисниците.
Се разбира ова се само некои од можните подобрувања, што би можел да ги донесе iPhone 6. Што очекувате вие од следната генерација на смартфонот на Apple?