Потребна е алтернативна мрежа која е независна од интернетските протоколи, a nаучниците веќе работат на таква мрежа.
Интернетот во своите почетоци беше сигурно место каде што луѓето меѓусебно си веруваа.
Во 1982 година, заедницата беше толку мала, што имејл адресите можеа да се соберат во тенок џебен именик. Денес, тој именик би бил долг 40 километри.
Научникот Дени Хилс бил еден од ретките луѓе кој користел интернет од самите почетоци. Во последниот говор за организацијата ТЕД, вели дека моменталната интернет-популација покажува нова ранливост во тој систем. „Интернетот беше дизајниран со претпоставка дека луѓето со кои комуницирате се воедно и оние на кои им верувате“, рекол Хилс и додал: „Денес тие правила веќе не вредат“.
На интернетот се потпираме речиси за се’ и едноставно не можеме да замислиме што би се случило кога само би престанал да работи. Но, со напливот на она што Хилс го нарекува „злобни и неинтелигентни луѓе“, кои се поврзуваат на интернет, големиот пад на мрежата би можел да се случи во иднината.
Хилс е уверен дека безбедносните пропусти, кои веќе довеле до неколку инциденти, настанале токму поради тоа што интернетот го користиме за работи за кои првично не бил замислен. Денес, интернетот ја држи основната инфраструктура на нашето општество: пренос на паричните средства, доставата на храна, превозот и телефонскиот систем.
„Да се подготвиме за катастрофа како онаа што ја имавме со финансискиот систем. И тој исто така бил изграден врз системот на доверба, но за мал број луѓе, а подигнат е на ниво кое не може да функционира“, вели Хилс.