Во Подолската болница во Прага, се роди првата петорка во Чешка, јави дописникот на МИА од чешката метропола.
Иако на прес конференцијата, лекарите не го соопштија полот на децата се дознава дека 23-годишната мајка и четирите машки бебиња и едно девојче се во добра здравствена состојба.
Породувањето на петорката која е зачната по природен пат, било извршено со царски рез во 31. недела од бременоста и според претходните најави бебињата се тешки околу 1.200 грама.
Поради предвременото раѓање бебињата ќе останат во болница околу еден месец.
Чешката „супер мама” која за неколку дена по објавувањето на веста стана ѕвезда и нејзиниот партнер веќе имаат петгодишен син.
Општината каде што живее младиот пар, во близина на Прага, веќе им обезбеди стан од 120 метри квадратни и ќе им плаќа негувателка која ќе им помага додека петорката не наполни четири години.
Уште една помошничка и родителски додаток само за едно дете на младата мајка и следува од државата.
Откако сторијата беше објавена во јавноста повеќе граѓани и компании се јавиле нудејќи финансиска помош.
Во Чешка последен пат е родена четворка пред 10 години, а од 1950 година четири бебиња заедно се родиле 11 пати.