Поради сиромаштијата и неизвесноста психичките проблеми се се почести

Од:

Во состојба кога осиромашувањето, постојаната неизвесност и стравот од губење на работа влијаат на зачестена појава на ментални болести, експертите како најдобар лек препорачуваат активен однос кон работата, а пред се кон животот.

Психијатрите не се чудат што се зголемува бројот на обиди за самоубиство, но и на убиства. Луѓето се закануваат дека ќе се полијат со бензин, ги сечат прстите, насилно влегуваат во партиските простории и бараат некој да ги слушне, за да го свртат вниманието на својот проблем.

– Осиромашувањето и губењето на работата имаа неповолен одраз на вкупното ментално функционирање на луѓето, а ние во психијатријата тоа го нарекуваме пореметување во прилагодувањето. Тоа најчесто клинички е проследено со депресивност – рече за Танјуг директорот на Клиниката за психијатриски болести Лаза Лазаревиќ, проф. др. Милутин Ненадовиќ.

Тој вели дека пореметувањето во прилагодувањето е се почесто во психопатологијата и објаснува дека пореметувањето на соодветното ментално функционирање е работа на пристапот на општеството или на поединецот.

– Ние сме соочени со осиромашување на општествата во цела Европа, а посебно во нашата земја. Но, ако гледаме некои други региони како што е Бангладеш, ние сме богати. Значи, пореметувањето на соодветното ментално функционирање е работа на пристап – објаснува Ненадовиќ.

Србија нема прецизни податоци колку луѓе страдаат од душевни болести, но се претпоставува дека тоа е армија од 300.000 до 400.000 луѓе, а освен генетиката, која игра значајна улога во појавата на душевни болести, немаштијата и се потешката економска состојба придонесуваат бројот на заболените од година во година постојано да се зголемува.

Професор Ненадовиќ предупредува и дека политичарите мора да бидат повнимателни во своите изјави, бидејќи луѓето се под притисок, како и на негативните пораки до граѓаните, како тие дека државата е во безизлезна состојба, лошо влијаат на нивното ментално здравје.

Тој забележува и дека секоја несреќа не е само несреќа и како пример наведува дека поплавите кои неодамна ја погодија Србија и загрозија животи на друга страна го намалија притисокот кај голем број на луѓе кои се во грч поради губење на работа или поради сиромаштијата.

– Кај многу луѓе е намален притисокот на сопственото доживување на немаштијата, бидејќи во состојба се да видат дека има луѓе кои се во полоша состојба, на кои помагаа и сиромашните граѓани – вели Ненадовиќ.

Клиничкиот психолог Мирјана Вуксановиќ наведе два вида на агресија кои се последица на депресија предизвикана од егзистенцијалната несигурност, а тоа се агресија кон другите и кон себе.

Негативните импулси кои поединецот поради безизлезна состојба ги насочува кон себе, доведува и до психоматски заболувања, така кај нас постојано расте бројот на заболените од штитна жлезда, кардиоваскуларни пореметувања и астма, објаснува Вуксановиќ.

Нашата соговорничка вели дека решение на проблемот е во активен однос кој подразбира подготвеност на поединецот да ја смени професијата, да се преквалификува, а не да чека состојбата да се реши сама од себе.

– Често може да се слушне дека младите не сакаат да работат за плата од 25.000 динари. Тоа е погрешен пристап. Мора да се почне со работа, па и од помала плата, а со тек на време ќе се отворат патиштата – потенцира Вуксановиќ.

Таа вели дека нашиот народ е склон кон пасивен однос, бидејќи во претходниот период постоеше претерана социјална сигурност, која не направи пасивни.

– Луѓето поминуваа по 40 години на едно работно место. Тоа повеќе го нема. Мора да се свртиме кон активен однос кон работата и кон животот – заклучи нашата соговорничка.

Танјуг – Белград

Би можело да ве интересира

Доктори од Македонија завршиле медицина во Бугарија, но не смеат да работат во земјата оти се пишале Бугари

A1on

Исхрана и плодни денови – како одредена храна може да ги зголеми или намали шансите за зачнување

Катерина Ѓуровски

Развиена вештачка интелигенција која го открива ракот на дојката години пред да се развие

Ана Ололовска

Во ЕУ годишно умираат 10.000 луѓе бидејќи не вежбаат доволно

Ана Ололовска

М-р по фармација Славица Тодоровска од „Хемофарм“ советува: Запекот мора да се лекува

Ана Ололовска

Природата во градот ја намалува осаменоста

Ана Ололовска