Отворен етносаемот „Пехчевски Павловден“

Од:

Во Пехчево беше отворен етносаемот „Пехчевски Павловден“, каде на 16 штандови сместени на плоштадот „Св. Петар и Павле“, се промовира традицијата, преку ракотворби, производи од старите занаети и традиционалната храна од Малешевијата.

Етносаемот се одржува по десетти пат и е дел од прославата по повод празникот на градот, Павловден.

Градоначалникот Игор Поповски кој го отвори етносаемот истакна дека Павловден е денот кој Пехчево го празнува како свој патрон, а пехчевци чувствуваат обврска на овој ден да ја промовираат традицијата, да го почитуваат вековното, сето она што останало во аманет од предците.

– Етносаемот „Пехчевски Павловден“ е нашата традиција спакувана на едно место на нашиот плоштад и е добар пример како се чува и афирмира нашата традиција, традиционалната храна, домашните ракотворби, старите добри занаети по кои Малешевијата е далеку позната. Вредните раце на нашите домаќинки и занаетчии заслужуваат добра промоција, а Општина Пехчево и јас како градоначалник, сме горди што успеваме полека, но сигурно, сето ова да го понудиме на светот и да излезе од анонимноста и со печат од Пехчево и Малешевијата, да го промовираме пред нашите гости.

Штандовите на етно-саемот ги даваат боите на Малешевијата и на Македонија, тоа е душата на нашиот народ кој опстојувал со векови и сето тоа заслужува да се промовира и понуди како бренд од овој крај, истакна Поповски.

Годинава на штандовите, освен од Берово, Пехчево, Делчево, Штип, Куманово, свои производи имаат изложено и гости од Брезница и Благовеград од соседна Бугарија.

Во рамките на одбележувањето на патронот на градот Павловден, е и традиционалниот Фестивал на дувачки оркестри кој годинава се одржува по седми пат. Елица Јовевска, директор на Фестивалот, истакна дека годинава за разлика од претходните години фестивалот ќе трае три вечери и ќе има ревијален карактер.

– На сцената на отворено ќе настапат сите дувачки оркестри кои на овој фестивал во Пехчево освојувале награди, а исто така и оркестри кои ја освоиле златната труба на балканскиот фестивал во Србија, Гуча. Така што можам со сигурност да кажам дека на нашата сцена ќе ги имаме најдобрте дувачки оркестри од Балканот, односно од Македонија, Србија, Бугарија. Фетсивалот започнува во 20 часот, и ги покануваме сите љубители на музиката од трубите, но и на традицијата да бидат наши гости, истакна Јовевска.

Фестивалските вечери ќе ги збогатат концертите на познати македонски и балкански ѕвезди. Вечерва свој концерт ќе има „Љубојна“, утревечер ќе настапат Наум Петрески и Зуица Лазова, а тридневниот фестивал ќе биде затворен со концертот на балканската група „Црвена јабука“. Организатор на Фестивалот е општина Пехчево, а генерален покровител хотел „Гогов“.

Би можело да ве интересира

Пекевски: Се чекаат резултати по информацијата за појава на салмонела во детската градинка во Берово

Во прекин сообраќајот на патот Берово – Виница, поради невремето критично на влезот во Смојмирово

Земјотрес во Пехчево и Берово

Катерина Ѓуровски

Кривична пријава за дилер од Пехчево

А1он

Општина Пехчево нема да троши средства за нови новогодишни реквизити

А1он

Почна со работа првиот пинг-понг клуб во Пехчево

А1он