Според податоците на европската статистика годишно се фрлаат 51.000 тони полначи за мобилни телефони.
Комисијата за внатрешен пазар и заштита на потрошувачите при Европскиот парламент расправала за воведување единствен полнач за сите мобилни апарати и помали електронски уреди.
Според потпретседателката на европските социјалисти Биљана Борзан, овие промени би можеле да се реализираат веќе следната година.
– Тоа се добри вести за граѓаните. Секој има по неколку стари полначи во фиоките, а постојано купуваме нови. Некои полначи дури ја зголемуваат цената на апаратот, па затоа стандардизацијата според која би постоел еден полнач за сите видови на мобилни телефони, како и други помали електронски апарати, ќе доведе до заштеда, истакна Борзан.
Таа додаде дека електронскиот отпад се зголемува од три до пет отсто годишно низ земјите од ЕУ и мерките кои досега ги преземала Европската комисија не донеле големи резултати. Производителите, наводно, не даваат никаков одговор, бидејќи ним различните полначи, кои се менуваат со секоја генерација на мобилни телефони, им овозможуваат профит од кој не сакаат да се откажат.
Податоците покажуваат дека со стандардизација на полначот за половина електронски уреди, потрошувачите ќе заштедат повеќе од половина милијарди евра до 2021 година.
– Тоа би бил само еден мал чекор кон одржлива потрошувачка. Дури 78 отсто од потрошувачите морале да го заменат својот мобилен телефон бидејќи проблемот не е решен во фазата на дизајн на производот и на тоа планирам да работам и понатаму, наведува Борзан.