Новата, редизајнирана и подобрена верзија на социјалната мрежа „МајСпејс“ беше претставена речиси истовремено со новиот сингл на нејзиниот ко-сопственик Џастин Тимберлејк.
По неколкумесечната пробна верзија „МајСпејс“ вчера конечно ја пушти во работа новата верзија. Сите стари корисници може да се пријават преку старите кориснички имиња и лозинки, а може да се регистрираат и тие што сакаат да се приклучат за првпат.
Со цел да привлечат корисници, сопствениците на „МајСпејс“ одлучија на сајтот да го постават новиот спот на Џастин Тимберлејк, кој и самиот е еден од ко-сопствениците. Откако ќе се пријавите или регистрирате добивате право да го гледате спотот за песната „Suit&Tie“, направена во соработка со Џеј Зи.
На прв поглед станува јасно дека новиот „МајСпејс“ е посветен на музиката, нејзино слушање и споделување со виртуелните пријатели. Според оценката на еден британски блогер, не станува збор за платформа на која се поставуваат слики од мачки, туку место за добра музика.
Новиот „МајСпејс“ е дизајниран да овозможи непосреден контакт на изведувачите со своите фанови. Интересна е можноста да се приклучите и преку својот профил на „Твитер“ и „Фејсбук“.