Нов поглед на Викинзите

Од:

Национална географија – Вашингтон

Се што сте сакале да знаете за моќните воини

Да, биле сурови. И жените им биле водачи, сакале богатство и убави нешта, а се сретнале со над 50 култури, од Авганистан до Канада.

Врне ладен дожд, а ние се тресеме на улица, чекајќи да се појави викиншкиот поглавар и неговата чета на крадци. Јануарската ноќ е сурова во стариот шетландски град Лервика, но во воздухот се чувствува еуфорија. Покрај мене е човек со две мали деца кој се насмеа кога здогледа црвен зачаден облак како се крева зад градската куќа. „Изгледа како да ја запалиле целата зграда” – повика тој. Впрочем, огнот е причина поради која сме тука: Up Helly Aa, голема огнена прослава на викиншкото минато во Шетланд. Како и сите други и јас дојдов да видам како гори викиншки брод.

Кога четата на поглаварот и група луѓе ја исполнија улицата, од стотици факели гори пламен. На појавата на долгиот брод кој крадците го влечат зад себе, од масата се слуша извик од задоволство.

На овие карпести брегови северно од шкотското копно викинзите за првпат се истовариле пред околу 1.200 години, го скршиле локалниот отпор и ја зазеле земјата. Норвешките господари владееле со Шетланд речиси седум векови, се додека тие острови конечно не ги продале на шкотскиот крал.

Денес норн, стар нордиски дијалект, тука практично е заборавен, но островјаните и понатаму се гордеат со своето викиншко минато. Секоја година опсесивно се подготвуваат за Up Helly Aa, а копијата на викиншкиот брод внимателно ја составуваат, даска по даска.

Додека толпата пее стари песни за морските кралеви и змаевите бродови, носачите на факелите го влечат бродот во ограденото поле. На знак на поглаварот факелите летаат на бродот како дожд и го голта оган. Оганот се шири на јарболот, а жарта лета во ноќното небо. На плочникот децата лупкаат со нозете и танцуваат силно возбудени.

Подоцна таа ноќ, додека учесниците на прославата се опуштаа на забавата, се чудев на влијанието кое викинзите се уште го имаат на нашата фантазија. Мртви се, не постојат веќе со векови, но тие средновековни морнари и воини продолжуваат да живеат во измислените светови на филмаџиите, романописците и цртачите на стрипови. Многу од нас ги знаат деталите за тие измислени викинзи, како се бореле, како се гоштевале, каде живееле и како умирале. Но, колку навистина знаеме за викинзите? Кои биле тие? Како го гледале светот околу себе? Како навистина им изгледале животите?

Со помош на напредна технологија, од сателитските снимки до истражувањата на ДНК-та и анализата на изотопите, археолозите и другите научници денес доаѓаат до многу нови и изненадувачки одговори. Во Естонија научниците систематски прегледуваат два закопани бродови исполнети со тела на убиени воини, фрлајќи ново светло на насилното потекло на викинзите. Во Шведска научниците ги проучуваат остатоците од една жена, викиншки водач, расветлувајќи ја улогата на жената во војните. Во Русија, археолозите и историчарите ги истражуваат патиштата на викиншките трговци со робје, откривајќи ја важноста на ропството во нивната трговија. На археолозите почнуваат да се отвараат врати кон свет кој бил далеку по сложен и по интересен од што некогаш се мислело. „Овие времиња се многу интересни околу истражувањето на викинзите” – вели Џими Монкриф, историчар при „Shetland Amenity Trust” институција за зачувување на шетландската оставнина во Лервик.

Општо, овие нови истражувања даваат нова слика за амбициите и културното влијание на тие одважни морепловци. Во потрага за благосостојба викинзите кон средината на осмиот век од бреговите на својата скандинавска татковина меѓу Балтикот и Северното Море стапиле на светската сцена, истражувајќи во текот на наредните 300 години поголем дел од Европа и патувајќи најдалеку од што научниците до сега сметале. Според археологот Нил Прајс од Универзитетот Упсала во Шведска, нивните витки бродови, познавањето на реките и морињата и вештините во пловењето, ги одвеле во подрајча на 37 или повеќе денешни земји, од Авганистан до Канада. На патот се сретнале со над 50 различни култури и тргувале со раскошна стока. Облекувале евроазиски кафтани и кинеска свила, а џебовите ги полнеле со исламски сребреници. Изградиле просперитетни градови во Јорк и Киев, големи делови во Велика Британија, Исланд и Франција ги направиле свои колонии и утврдиле испостава на Гренланд и во Северна Америка. Други европски морепловци во тоа време не се отиснале толку бестрашно и толку далеку од своите татковини. „Тоа го направиле само Скандинавците” – вели Прајс. „Само викинзите”.

Но, истражувањата и трговијата не биле единствени патишта до богатството. Викиншките крадци биле долж бреговите на Британија и Европа, напаѓајќи го пленот ненадејно, со фрапантна бруталност. Во северна Франција пловеле на Сена и други реки, напаѓајќи и полнејќи ги своите бродови со плен. Ширејќи страв надалеку и нашироко, изнудиле речиси 14 отсто од целокупната вредност на стопанството на западноевропското Каролиншко царство во замена за празни ветувања за мир. Од другата страна на Ла Манш, во Англија, спорадичните крадења се прошириле во тотална војна кога викиншката војска нападнала и освоила три англосаксонски кралства, оставајќи ги телата на непријателот да скапуваат на нивите.

Викиншкото време, вели Прајс, „не е за чувствителни”. Научниците денес се прашуваат како почнало сето тоа пустошење? Како и зошто средновековните земјоделци во Скандинавија станале чума на европскиот континент?

Во текот на речиси три векови, околу 750 години пред да почнале ограбувањата на странските брегови, Скандинавија била потресувана од немири, вели Прајс. Во тој период насанале над 30 мали кралства, со ланци на утврдувањата по брдата, кои се надметнувале за моќ и власт над земјата. Во текот на тие тешки времиња удрила природна непогода. Огромен облак прашина ја исполнил атмосферата во 536 година, веројатно од заедничко делување на неколку природни катастрофи – комети или метеори кои удриле на Земјата, како и ерупција на барем еден голем вулкан.

Прашината го затемнила Сонцето во текот на следните 14 години, намалувајќи ги летните температури на северната полутопка. Долгиот перид на студ и темница на Скандинавија која и така била на северниот раб на обработливо подрачје, донело смрт и пропаст. Во шведската покраина Упланд, на пример, речиси 75 отсто села опустошиле кога жителите умреле од глад и судири.

Катастрофата била толку страшна што се чини инспирирала еден од најтемните светски митови, нордиската легенда за рагнарок, крај на светот и конечна битка, во која сите богови, сите натприродни суштества, како и сите луѓе и останатите живи битија, загинуваат. Легендата вели дека рагнарок почнува со смртоносниот период фимбулвинтер, кога сонцето потемнува, а времето станува остро и лошо.

Прајс вели дека тој опис морничаво одговара на тоа што почнало со превезот на прашината во 536-тата година. Кога конечно летото се вратило на север и населението закрепнало, скандинавското општество попримило нов, по суров облик. Водачите се собрале тешко вооружени со војнички чети и почнало присвојување на напуштените региони и нивна одбрана од другите. Во тие „игри за престолот” кои се одвивале во вистинскиот живот, било основано повоено општество во кое и мажите и жените подеднакво ги славеле вештините за војување – бестрашност, напаѓачки дух, итрина, сила. На шведскиот остров Готланд, каде археолозите нашле многу недопрени гробници од тој период, „речиси секој втор човек, се чини бил закопуван со оружје” – вели Џон Јунгквист, археолог од Универзитетот во Упсала.

Додека тоа вооружено општество постапно попримало свој облик, во седмиот век една нова технологија, едрото, покренало револуција во скандинавското морепловство. Вештите столари почнале да градат големи витки бродови покренувани од ветерот, кои чети вооружени борци можеле да ги превезат подалеку и побрзо од порано. На тие бродови северњачките поглавари и нивните немирни следбеници можеле да патуваат преку Балтикот и Северното море, истражувајќи нови земји, пустошејќи градови и села и поробувајќи го нивното население. Мажите со малку надеж за женидба, можеле да однесат дома робинки и да ги земат за жени, со уверување или со сила. Сето тоа време на векови на кралски амбиции, младите воини без жени и новите типови на бродови, создало совршена бура. Продорот на викинзите од север бил поставен и нивното насилство ќе запали голем дел од Европа.

Околу 750 година група на првите викиншки воини извлекле два брода на песочниот рт на островот Сарама, сосема близу до брегот на Естонија. Далеку од своите домови во шумите во близина на Упсала, тие закрвавени мажи преживеале ограбувачки поход кој нивните чети скапо ги чинело. Внатре во бродовите лежеле помешани тела на над 40 викинзи, вклучувајќи и еден кој можеби бил нивен крал. Сите тие биле млади или во ек на својата сила, високи, мускулести, крупни мажи, а многумина од нив поминале жестоки борби. Едни прободени или исечени, други без глави. Еден воин загинал откако меч му го отсекол горниот дел од главата.

На песочниот рт преживеаните почнале грозоморна задача за составување на оштетените делови на телата и сложување на мртвите тела во труп на поголем брод. Потоа ги покриле со платно и направиле мали импровизирани гробишта, поставувајќи ги преку телата на убиените соборци нивните дрвени и железни борбени штитови.
Во 2008 година група работници поставувале електричен кабел и откриле човечки коски и парчиња од корозиран меч. Локалните власти ги повикале археолозите. Седејќи денес во својот кабинет на Универзитетот во Упсала, Прајс се восхитува на тоа откритие.

„Ова е првпат археолозите да можат да ископаат нешто што очигледно било викиншки ограбувачки поход” – вели тој. Уште позначаен е фактот дека борците кои биле закопани кај Салме во Естонија, загинале речиси 50 години пред скандинавските ограбувачи да се свртат кон англискиот манастир Линдесфарн во 793 година, што долго се сметало за прв викиншки напад.

Бродскиот закоп кај Салме покренало големи судири меѓу денешните експерти за викинзите. „Јас се воодушевив од мачевите” – вели Прајс. Повеќето истражувачи долго претпоставувале дека првите викиншки разбојнички чети имале неколку елитни борци вооружени со мачеви и друга скапа воена опрема, како и неколку десетици сиромашни селски ученици со ефтини копја или лакови и стрели. Кај Салме тоа не било случај. Тамошниот закоп содржи повеќе мачеви од човечки тела, што потврдува дека барем во некои поранешни походи многу борци тргнувале многу борци од висока општествена позиција.

Едно јануарско утро во мирен индустриски парк јужно од Единбург и Шкотска, истражувачите ме водат низ инаку заклучена врата во мала конзерваторска лабораторија. Веќе повеќе од година дена научниците тука го сортираат богатството кое еден викиншки поглавар го собрал со ограбување во странски земји. Закопано пред некои 1.100 години во југозападна Шкотска, галовејското благо е збирка на необично убави предмети, од златни инготи до византиски или исламски свилен брокат или христијански крст од емајл.

Археологот Олвин Овен, која е специјалист за викиншкото време, вели дека никогаш не видела ништо слично: „Тоа е неверојатно откритие” – вели таа. „Сосема неверојатно”.

Денес конзерваторот изложи некои од раритетите од благото. На маса има тенка златна шнола во форма на птица. Наликува на аестел, мал покажувач каков бискупите и други членови на клерот го користеле при читање на свети текстови. Покрај неа има приврзок од златен филигран, можеби наменет за чување на мала светачка реликвија. На крајот на масата Овен гледа на девет сребрени шноли, некои се брановидни, некои со митски суштества, некои со необични човеколики лица. Сите освен една, вели Овен, биле обликувани за Англосаксонците. „Со други зборови, некои англосаксонски манастри или нивна населба, имале многу лош ден” – заклучува таа.

Викиншкиот поглавар, сопственик на ова богатство, бил слаб на убави предмети. Наместо пленот да го претопи во златни шипки, овој великан некои предмети ги издвоил за сопствена збирка на страна, како колекција на егзотична уметност. Археологот Стив Ешби од Универзитетот во Јорк вели дека на викинзите убавите предмети од странските култури им биле сосема според вкусот, а некои припадници на елитата уживале во поседување и користење на тие статусни симболи.

„Луѓето од врвот биле претставителни и сакале накит” – вели Ешби. „Во тоа општество впечатливата потрошувачка била важна”. Викиншките водачи ги мачкале очите, носеле облека во блескави бои и тежок накит, гердани, шноли, нараквици и прстени. Но, таа наизглед претерана облека имала и сериозна цел: секој украс бил сведок за некоја странска авантура, за награда за покажување на безглава храброст. Така опремен со воениот плен, викингот бил жив оглас за ограбувачкиот живот и ги привлекувал младите да се заколнат на верност во замена за дел од пленот. „Ако сакале да го задржат тој темел на својата моќ, викиншките поглавари не смееле да бидат скромни во покажувањето на своите воени победи” – вели Ешби.

На почетокот на викиншкото време овие вооружени разбојници и се чини со добри информации, главно целеле на крајбрежни и островски манастири. Скандинавските трговци тогаш веќе тргувале со крајбрежните делови на Британија и Европа, а набрзо откриле дека саемите обично се одржуваат покрај манастир. Поминувајќи покрај масите на саемските трговци и проценувајќи ја стоката, некои од нив би здогледал сребрени пехари и златна опрема за олтар која ги красела манастирските капели. Како што вели Прајс: „Верувам дека не е тешко да се заклучи дека порано или подоцна ќе се најде некој кој ќе каже: – Момци, а зошто едноставно не ги украдеме овие предмети?”.

Првите разбојнички групи своите напади ги планирале за летните месеци, а често тргнувале со само неколку бродови и можеби сто борци.

До заби вооружени со метално оружје, напаѓачите брзо удирале и вршеле масакри и отпловувале пред да можат мештаните да органзираат одбрана. Во Франција само во 9 век викиншки разбојници упаднале во над 120 населби, ги масакрирале свештениците и локалното население, го собирале благото и преживеаните ги зимале во ропство. „Ако во доцниот 9 век сте живееле во северозападна Франција, би мислеле дека на вашиот свет е дојден крајот” – вели Прајс.

Додека река од благородни метали течела кон Скандинавија, младите луѓе побрзале кон големите сали на викиншките поглавари, со желба да се заколнат на верност. Тоа што почнало со мали походи со два до три бродови постапно се развило во флоти од 30 бродови, а потоа и во уште многу поголеми. Според Англосаксонски писанија, една тогашна хроника, стотици викиншки бродови во 865 година допловиле долж источниот брег на Англија, носејќи гладна орда која писателите на хрониките ги нарекувале голема војска. Продирајќи во внатрешноста од англиските реки и патишта, напаѓачите почнале да ги рушат англосаксонските кралства и да грабаат големи делови земјиште за свои колонии.

Блиску до модерниот град Линколн, археологот Џулијан Ричардс од Универзитетот во Јорк проучувал еден од зимските логори на таа голема војска. Местото на таборот, денес познато како Торкси, било доволно големо за сместување на 3.000 до 4.000 луѓе, но откритијата укажуваат на тоа дека таа војска не била само воена сила. Ковачите тука го претопувале запленетиот метал, трговците тргувале, децата трчале по калливите полиња, а жените ги вршеле своите обврски, кои во некои делови на викиншкиот свет можеле да вклучуваат и водство над мажите во битките. Еден познат стар ирски текст бележи дека жена позната како Инјен Руа или Црвената Девојка, по бојата на својата коса, била на чело на флота на викиншки бродови која во 10 век пловела за Ирска.

Биоархеологот Ана Шелстра од Универзитетот во Стокхолм, неодамна повторно анализирала остатоци од еден скелет од викиншки борев најдени во стар трговски центар Бирка во Шведска. На последното испраќање, гробот бил опремен со арсенал на смртоносно оружје, па археолозите со децении претпоставувале дека погребаниот елитен борец бил маж.

Меѓутоа, проучувајќи ги карличните коски и вилицата, Шелстром открила дека тој борец всушност било жена. Оваа безимена викиншка жена изгледа уживала почит од многу воини. „Во скутот имаше фигурички” – вели археологот Ханот Хедехана-Јенсен од Универзитетот Упсала. „Тоа ни кажува дека планирала тактика, дека била водач”.

Флотите кои во Западна Европа носеле смрт и уништување, исто така превезувале робови и разна трговска стока на пазарите од Турција до западна Русија, а можеби и Иран.

Средновековните арапски и византијски претставници ги опишале конвоите на вооружените викиншки трговци со робови и трговци, познати како Руси, кои редовно пловеле по речните текови до Црното море и Каспиското езеро. „Никогаш не сум видел посовршена телесна градба од нивната”, запишал во 10 век арапски војник и дипломат од Багдад Ахмад Ибн Фадлан. „Секој од нив носи секира, меч и бодеж”.

За да ја расветлат оваа трговија на југот, археолозите сега ги истражуваат местата долж патот кон византиските и исламските земји. Еден јунско утро околу 370 километри западно од Москва, Вероника Мурашова, археолог при Државниот историски музеј во Москва, шета на брегот на Дњепар, каде порано било средновековното градче Гнездово. Викиншките истражувачи го основале пред 1.100 години, а лежело на два главни трговски патишта, на Дњепар кој се влева во Црно море, како и на мрежа на потоци која завршува во Волга, чии води влегуваат во Каспијското езеро. Гнездово очигледно имало корист од својата положба, напредувајќи и на крај простирајќи се на над 30 хектари.

Денес Гнездово е скриено со шума и ливади, но во текот на изминатите 150 години руските археолози откриле брдски тврдини, остави, работилници, пристаниште и речиси 1.200 гробови со богати наоди. Се открило дека Гнездово било дом на богатата викиншка елита која собирала данок од локалното словенско население и веројатно управувала со некои аспекти од јужната трговија. Секоја година, по пролетното топење на мразот, викиншките трговци од тука тргнувале на бродови натоварени со луксузна стока, крзна, мед, пчелин восок, парчиња јантра, моржови заби и многу робови. Мурашев вели дека многу од трговците се упатувале кон Црно море и Цариград, главен град на Византиското царство, кој тогаш имал над 800.000 жители.

По жештините и во прашина, шетале низ пазарите, договарале продажба на својата стока, а купувале друга скапоцена стока: Амфори полни со вино и маслиново масло, фино стакло, шарени керамички чинии, свила и други ретки ткаенини.

Други викиншки трговци се движеле од Гнездово па понатаму на исток, до Волга, следејќи ги потоците кои течеле во западна Русија. На базарите покрај реката и околу Каспиското езеро, муслиманските купци скапо ги плаќале странските робови, бидејќи Куранот забранува на верниците да имаат робови кои се родени слободни. Источните купци плаќале до многу сребреници. Тие арапски сребреници, дирхеми, биле клучен облик на богатство на викиншкиот свет.

Со истражувањето на археолошките извештаи и базата на податоци, историчарот од средновековието од Универзитетот во Оксфорд, Марек Џенковијев, нашол записи за над 1000 наоди на закопано богатство во дирхеми, кои викиншките трговци и други ги криеле ширум Европа. Врз основ на почетната анализа, Џенковјев проценува дека само во 10 век викиншките трговци робовите можеле да ги продадат на неколку десетици илјади источноевропски заробеници, главно Словени, заработувајќи милиони сребрени дирхами, што во тоа време било огромно богатство. Во викиншкиот свет, каде поглаварите своите борци редовно ги наградувале во сребро, патот до моќта водел кон југ.

Во салите осветлени со оган на нордиските поглавари, луѓе раскажуваа и за поранешните патувања на запад. Гледајќи на собраната публика, раскажуваа за трговецот Бјарн Херјолфсон, кој пловејќи од Исланд за Гренланд се изгубил во густа магла. Кога маглата конечно се дигнала, Херјолфсон и неговите луѓе здогледале нова земја која ниту малку не личела на Гренланд. Била прекриена со шума. Херјолфсон не го интересирало истражување па бродот се свртел назад кон морето. Изгубениот викинг случајно стигнал во Новиот свет – како прв Европјанин чии очи го здогледале овој брег. Тоа бил почеток на викиншкото патување во Северна Америка.

Малку се подвизите на викиншките морепловци кои денес се толку обвени со тајна и контроверза како нивното истражување на Новиот свет. Според нордиските саги, викиншките морепловци пловеле од Гренланд кон запад во четири главни експедиции во потрага за дрво и други природни богатства. Веќе во 985 година го извидувале североисточниот брег на Канада, престојувале во мали логори, сечеле дрвја, збирале диво грозје во крај кој го нарекле Винланд, раѓале деца, тргувале и се бореле со домородците.

Во 1960 година познатиот норвешки истражувач Хелге Ингстад тргнал во потрага за тие викиншки логори. Покрај северниот врв на Њуфаундленд, на местото познато како Ленс о Медоуз, локален земјоделец го однел до неколку брегови чии страни наликувале на т.н. долги куќи. Во близина имало тресетиште богато со гетит, познат и како мочуришно железо, кое викинзите го ценеле како извор на железо. Ископините откриле три големи викиншки сали, неколку колиби, печка за обработка на гетит и американски бели ораси какви што успеваат само сто километри по јужно. Откритијата и наговестувањата во сагите силно укажуваат на тоа дека викиншките истражувачи не само што се населиле на Њуфаундленд, туку се упатиле и подалеку на југ, во заливот Сент Лоренс.

Во поново време една жена канадски археолог, траги на викиншки трговци открила во канадскиот Арктик. Патриша Садерланд, професорка од Универзитетот Карлтон во Отава, пребарувала стари збирки во Канадскиот историски музеј во близина на Отава и открила парчиња викиншка ткаенина. Ја исткаеле вешти ткајачи на места кои порано ги населувале палеоескимскиот народ Дорсет, кој на Арктик живеел до 15 век. „Мислев дека тоа е едноставно невозможно” – рече Садерленд. Своето истражување го проширила и открила ризница на викиншки артефакти, од брус за острење на метални ножеви, до стапчиња за собирање со кои ги бележеле трговските дејности.

Најинтересниот артефакт е мал камен сад кој изгледа како лонец за топење на метал. Садерленд и мал тим соработници неодамна го прегледувале садот подетално со помош на електронски микроскоп. На внатрешната површина откриле траги на бронза, како и поситни стаклени топчиња, кои се создаваат кога минералите се топат на висока температура. Интересен доказ на обработка на метал на викиншки начин. Садерленд смета дека морепловците од Гренланд патувале до канадскиот дел на Арктикот за да тргуваат со домордните ловци, разменувајќи метални ножеви и брусови за дебело крзно од арктички лисици и заби на морж. Тоа било луксузна стока за европските пазари.

Меѓутоа, пронаоѓањето на траги на други викиншки експедиции во наведените саги, останува голем предизвик. За да ги најдат потенцијалните места, археолозите мора да пребараат илјадници километри долж оддалечениот брег. Затоа археологот Сара Паркер од Универзитетот Алабама во Бирмингем, пред три години одлучила да се обиде со нов пристап.

Паркер, соработник на National Geographic, е специјалист за користење на сателитски снимки за откривање на потенцијални наоѓалишта. Во експеримент на Исланд таа и нејзините колеги откриле нешто што се чинело како ѕидови од тресет. Кога археологот Даглас Болендер од Универзитетот Масачусетс во Бостон, отишол да го истражи тоа подрачје, открил закопани остатоци од зграда и ѕидови од тресет високи само 15 сантиметри, поточно таму каде предвидела Паркер. „Тоа е фрапантно” – се чуди Болендер. „Ситните остатоци од закопаниот тресетен ѕид биле препознати од вселената на далечина од 770 километри”.

Охрабрени од тој успех, Паркер и нејзиниот тим почнале внимателно да ги проучуваат сателитските фотографии на канадскиот дел на брегот на Атлантикот. На југозападен Њуфаундленд, на ртот познат како Поинт Роси, здогледале нешто што изгледало како тресетни ѕидови. Поинт Рози гледа на заливот Сент Лоренс и лежи на морскиот пат кон земји во кои успева бел орев и диво грозје. И токму како Ленс о Меодуз, се граничи со големо мочуриште каде викиншките морепловци можеле да собираат железна руда.

Во тек на едно мало ископување во 2015 година, Паркер и нејзините колеги откриле нешто што изгледало како тресетен ѕид, како и голема вдлабнатина во која некој како да собирал гетитна руда за печење, што е прв чекор во производство на железо. Меѓутоа, поголемо ископување минатото лето, фрлило сериозно сомневање на тоа толкување, бидејќи укажувало на тоа дека ѕидот и рудата би можеле да бидат последици на природни процеси. Денес Паркер чека дополнителни резултати од испитувањето за да ја разјасни сликата.

Меѓутоа, таа смета дека со својот тим развива научно точен начин за барање на викиншки наоди во Северна Америка. Нејзината колешка Карен Милек, археолог од Универзитетот во Абердин, е согласна. „Барање на нордиски наоди тука е како барање игла во грст сено” – вели таа. „Сателитските фотографии претставуваат еден од најдобрите пристапи, а Сара го дефинира тој најдобар пристап” – додаде таа.

Еден ветровит зимски ден фаќам такси за шетландскиот аеродром Самборг. Тоа утро по Up Helly Aa и ретко кој Шетланѓанин е буден по долги ноќи пиење.

Ги тргнавме мачевите и шлемовите, а децата спијат, сонувајќи морски кралеви. Дрвениот долг брод, гордост на поглаварот, сега е само пепел во полето. Меѓутоа, романтичната идеја на Викинзите, на тие храбри северњаци кои граделе одлични бродови и по замрзнатите мориња пловеле во Новиот свет, а по кривите реки оделе до базарите на Исток, таа не старее и не станува досадна. Живее тука и ширум северните подрачја како порака од древниот мртов свет, вечен дух на едно време.

Би можело да ве интересира

Полскиот историчар Рубаха тврди: Илинденското востание го раководеле Бугари

A1on

ЗИРМ: Учебникот по Историја за V одделение изобилува со погрешни информации и со неосновани констатации

Горан Наумовски

Николај Милков: Пред да влезе во ЕУ, Македонија треба да се раздели со лажните парадигми во историјата

A1on

Џамбаски: Господине Османи, Гоце Делчев е Бугарин, нема две верзии на историјата

A1on

Бугарски научници: Лагите на македонските историчари ќе се најдат во сите светски библиотеки

A1on

Видео: „Срам и арам, ни јазикот бетон, ни историјата – во ЕУ не ќе влеземе ни за 100 години“ – експерти контра владата

Анита Петровска Рајковиќ