Македонија денеска со низа настани ќе го одбележи 2 април – Светскиот ден за борба против аутизмот.
Здружението „Во мојот свет“ започнува кампања под мотото „Еден свет за сите“ со настан во ТЦ Капитол мол. Целта е да се подигне јавната свест во Македонија за лицата со аутистичен спектар на нарушувања.
По повод Меѓународниот ден, вработените на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје ќе му предадат донација на Дневниот центар во скопската населба Железара.
Одделението за заштита на правата на децата и на лицата со посебни потреби при Народниот правобранител пак ќе организира тркалезна маса на тема „Состојбата на децата со аутизам и нивниот третман во здравствениот, образовниот и социјалниот систем во Република Макединија“.
На трибината за инклузивноста на децата со аутизам во редовното образование ќе зборува заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа, додека за аутизмот во Македонија и состојбите и предизвиците ќе говори проф.д-р Владимир Трајковски, претседател на Македонското здружение за аутизам.
На тркалезната маса најавено е присуство на претставници од министерствата за образование и за здравство, Заводот за ментално здравје, невладини ораганизации, како психолози и дефектолози.
Аутизмот е биолошко развојно нарушување на мозокот. Главни карактеристики на аутизмот се слаба или никаква социјална интеракција и комуникација, ограничени активности и повторувачки шеми во однесувањето. По тие каrактеристики аутизмот се разликува од останатите нарушувања од групата нарушувања од аутистичниот спектар. Причините за аутистичното нарушување се уште не се во целост познати. Но сепак, голем број експерти тврдат дека до ова нарушување водат различни причини. Наследувањето кај аутизмот е голема, но со оглед на тоа што генетиката на нарушувањето е сложена, не се знае кои гени се за тоа одговорни.
Истражувањата покажале дека се јавува еден до два случаи на аутизам на 1.000 луѓе. Kаj децата, знаци на аутизам се приметуваат во првата и најкасно втората година од животот. Раното откривање на болеста е важно за стекнување на социјални вештини и самостојност. Засега, за аутизам нема лек. Кај оние со блага форма на аутизам, можен е самостоен живот. Во Македонија не постои официјален регистар на лица со аутизам, но се смета дека нема повеќе од 4.000 лица. Аутизмот не е емоционална болест туку тоа е тешко развојно нарушување со генетска основа.
Поновите истражувања покажуваат дека тој се јавува почесто од Дауновиот синдром, од ракот кај децата или глувоста. Почесто се јавува кај машките, отколку кај женските деца и тоа за четири пати.
Од Заводот за ментално здравје на деца и младинци во Скопје, една од институциите каде се третираат лица со аутизам, наведуваат дека е многу значајно раното дијагностицирање. Со современите знаења, средства и методи аутизмот може да се детектира најрано на возраст од околу 18 месеци со што се создава основа за интервенција кога мозокот е во фаза на формирање. Со раното откривање на аутизмот може да се обезбеди излез за аутистичните деца како и за луѓето околу нив. Потребно е професионалците од разни струки и лекарите од општа практика да бидат дополнително едуцирани за да одебзбедат правилно откривање и насочување на заштитата на децата со аутизам.
Посочуваат дека е важна и раната консултација на родителите со педијатарот и психијатарот.