Компанијата „Кет Фонс“ најави лансирање на нов телефон наречен „Кет С60“, кој ќе биде прв водотпорен паметен телефон на светот со интегрирана термална камера.
„Кет С60“ има вградена термална камера од производителот ФЛИР, овозможувајќи им на корисниците да бидат први кои ќе ги користат своите паметни телефони за многу задачи, опфаќајќи откривање на топлина околу прозорците или вратите, детектирање на влага, идентификување на прегрејани електрични уреди и осветлување во услови на целосна темница.
Термалната камера визуелизира топлина која е невидлива со голо око, потенцирајќи го температурниот контраст. Може да детектира топлина и да ја измери површинската температура на оддалеченост од 50 до 100 метри и „гледа“ низ пречки, како што е чад, овозможува широк начин на примена за градежниците, комуналните работници, спортските ентузијасти и брзата помош.
„Кет С60“ е водоотпорен до длабочина од пет метри во траење од еден час, што му дава можност да се користи како подводна камера.
– Да се издвоиш од останатите на денешниот пазар на паметни телефони бара вистински иновации и чест ни е што склучивме партнерство со фирмата ФЛИР, изјави Питер Стивенс, извршен директор на „Кет“.
Според него, „Кет С60“ претставува пресвртница кога се во прашање мобилните телефони. – Мило ни е што термалната технологија ќе биде во рацете на корисниците на „Кет“ телефоните и ќе им даде можност да ги откријат нејзините големи предности, додаде Стивенс.
„Кет С60“ е произведен да издржи пад на бетон од висина од 1,8 метри и е отпорен на прав и вода. Телефонот има јасен екран кој се гледа и на многу силна дневна светлина, како и екранот чувствителен на допир, кој може да се контролира со мокри прсти или при носење на ракавици.
Исто така, тој е заштитен со најново стакло „Корнинг Горила Глас 4“.