Интернет-гигантот „Гугл“ лани во Шведска остварил приходи од околу три милијарди шведски круни (околу 350 милиони евра). Но упатените познавачи на состојбите околу интернет-рекламите укажуваат дека „Гугл“ напоредно со високите приходи не платил доволно висок данок, така што компанијата за своите даночни обврски издвоила само 944 илјади круни (нешто повеќе од милион евра), јави дописникот на МИА од Стокхолм.
„Гугл“ доби предупредување од шведскиот министер за финансии Андрес Борг.
– Мислам дека како секоја компанија треба да има добар увид во своите бројки. Ако се има многумина вработени и големи приходи, тогаш треба да се плати соодветен данок, дури и ако формално тоа може да се избегне преку максимално даночно планирање, вели министерот Борг за Шведската телевизија.
„Гугл“ не сака да ги коментира своите приходи, но потенцира дека компанијата секогаш ги следи и почитува законите и правилата.
Поголемиот дел од продажбата на реклами „Гугел“ го извршува преку својата канцеларија во Ирска, каде што даночните стапки се пониски.
Швеѓаните „гуглаат“ приближно 50 милиони пати дневно. Преку „пребарувањата“ рекламите можат да бидат управувани и воедно да се заработуваат пари.
Според еден нов извештај, шведски претпријатија купуваат интернет-реклами за околу седум милијарди круни годишно, а „Гугл“ има доминантна позиција во оваа бранша во Шведска.