Германските власти парично го казнија интернет гигантот „Гугл“ со 145 илјади евра за собирање на голема количина лични податоци од безжични мрежи преку камери поставени на превозни средства, со кои ја извршува својата услуга за набљудување на улиците, јави ДПА.
Службата за заштита на личните податоци во северниот град Хамбург одреди парична казна за нарушување во периодот од 2008 до 2010 година, кога „Гугл“ ја подготвувал услугата.
Според службата тоа е еден од најсериозните досега откриени случаи на нарушување на одредбите за заштита на лични податоци.
Собраните податоци биле од најразличен вид – електронска пошта, фотографии, архиви на разговори на интернет.
„Гугл“ нагласи дека презел мерки за отстранување на проблемите, поврзани со неговата услуга за набљудување на улиците.