Со пораката „Да ја оставиме чиста Преспа за идните генерации бидејќи од нив ја позајмивме, а ја добивме од претходните“, денеска на плажата Претор, почна најобемната кампања за чистење на Преспа.
„Чиста Преспа, моја Преспа“ е кампања за расчистување на депониите, уредување на плажите, како и голем број активности за подигање на свеста кај населението и туристите.
„Не треба некој друг да почне, од сите нас зависи, секој нека тргне од својот двор, од својата улица, од своето маало. Само така ќе можеме да ја оствариме нашата цел- Чиста Преспа, моја Преспа”.- изјави градоначалникот на Oпштина Ресен Живко Гошаревски.
Познатите актери Игор Ангелов и Владимир Тулиев од денеска стануваат амбасадори на оваа кампања.
„Не сум од Преспа, но имам потекло од тука, веднаш ја прифатив улогата да бидам амбасадор на една ваква кампања. Секој дел од нашата Македонија е убав, ајде на почеток да ја исчистиме Преспа” – рече Ангелов.
Голем број јавни личности како поддржувачи ќе бидат дел од кампањата за подигање на свеста кај населението и туристите.
Кампањата ќе се спроведе преку еколошки акции за чистење на плажата Стење- Коњско, патеката и островот Голем град, плажата Претор, плажата Черти камен, приодниот парк Езерани, како и екоакции во Ресен за амфитеатарот, домот на културата и др. Ќе има чистење на дивите депонии Дрмени, село Љубојно, село Долно Дупени, село Сливница и други депонии.
Сумирањето на резултатите е закажано за точно еден месец, најави Гошаревски.