Произведувачот на паметни телефони „Ксиаоми“ станува сè посилен во својот лов на пазарот со кој владее компанијата „Епл“ со својот „ајфон“.
Кинеската компанија неодамна претстави нов модел кој може да се натпреварува со „ајфон 6“, но е потенок, полесен и, најважно од сè, е поевтин. Паметниот телефон на „Ксиаоми“ чини 320 евра, додека последниот модел на „ајфон“ на пазарот се продава за 740 евра.
– Посветуваме внимание на секој детаљ за да го направиме телефонот совршен – рече директорот на компанијата, Јун Леи.
Компанијата „Ксиаоми“, која е основана во 2010 година, успеа да го совлада „Самсунг“ на кинескиот пазар во втората четвртина на минатата година. Компанијата планира да се прошири и на индискиот и на другите пазари во развој, но засега не планира да се појави во Европа или во САД.