Помалку од два месеци по објавувањето на првите две песни од новиот албум на „АББА“, што се случи четири децении по нивната последна плоча, бендот сега ја објави и третата песна од новата компилација. Нумерата е насловена „Just a Notion“ и го носи добро познатиот звук на шведскиот легендарен состав.
На почетокот на септември, превезот на мистеријата околу проектот, на кој членовите на групата работеа три години, беше отстранет. Публиката дозна дека албумот се вика „Voyage“ и тоа беше проследено со две песни – „I Still Have Faith in You“ и „Don’t Shut Me Down“.
Албумот ќе излезе на 5 ноември и ќе биде првиот студиски албум на бендот по 40 години откако претходниот „The Visitors“ беше објавен во 1981 година.
Групата разви и концертна програма со дигитални инкарнации за секој член на групата. Доколку нема дополнителни изненадувања, следната година, концертот ќе се одржи во специјално изградената арена во Лондон.