Зошто партиите се плашат од една изборна единица и отворени листи

Од:

Во името на „демократијата“ и „доброто на граѓаните“, секоја партија се обидува изборниот модел да и овозможи да освои мнозинство парламентарни фотелји.

Дебатата за промена на изборниот модел, иницирана од помалите партии, а поддржана од СДСМ, уште не започната, евидентно, осудена е на пропаст. Освен ВМРО-ДПМНЕ, која жестоко се спротивставува на една изборна единица, работата ја кочи и коалициската ДУИ. Дебатата во Законодавниот дом ќе влезе, но само за политички поени и докажување дека на сите демократијата им е во срце и дека оној другиот мисли само за себе, а не и за гласачите или добивање поквалитетет парламентарен состав.

Мнозински, комбиниран, пропорционален или полупропорционален, кој модел е најправеден и најчисто ја покажува волјата на гласачите. Секој има свои предности и мани, но најважно е да биде понуден квалитетен кадар, а не листи со партиски послушници.

Сите декларативно се за отворени листи, а всушност посакуваат се уште да остане можноста партиските врхушки и лидерите да ги „кројат“ изборните листи и тоа кој ќе се најде на добитно пратеничко место да зависи од нив.

Нашата држава од 1990 година направи неколку експерименти со изборните модели. На првите избори по осамостојувањето и во 1994 година пратениците се избираа со мнозинскиот модел. Првиот плурален парламент, за многумина беше пионерски по одлуките кои ги носеше и начинот на работа, но така и по плуралната слика кој се рефлектираше во Законодавниот дом.

Имаше повеќе партии, но и многу силни индивидуи кои се истакнуваа по дискусиите и работата. Во 1994 година, исто се одеше по мнозински модел, но по вториот круг поради бојкотот на ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија на Гошев се создаде монолитен парламентарен состав, кој работеше без контрола на опозицијата.

Аналитичарите и политичарите како најголема предност на мнозинскиот изборен модел ја посочуваат веројатноста за добивање силна и стабилна влада и фактот што граѓаните гласаат за личности. Но и тоа кај нас се изигрува, бидејќи партиските локомотиви се носечки и се гласа по партиска дисциплина, а не за квалитет. Мнозинскиот модел ја дава и најлошата страна со гласање и во втор круг, кога се прават најголемите игри, а денот на гласање е високо ризичен, во минатото кај нас и со тепачки, пукање, закани, па и со убиства.

Мнозинскиот модел на минимум ја сведува шансата независни кандидати или од помали партии да ја „победат“ партиската машинерија на поголемите. Сликата во парламентот не е реален одраз на вистинската волја на гласачите. Пратеничките мандати вообичаено се делат помеѓу двете големи партии, кои реално ја имаат поддршката на само 30-тина проценти од гласачите.

По многу преговори за изборите во 1998 година, се изгласа компромисно решение за комбиниран модел со 85 пратеници избрани по мнозински модел и 35 по пропорционален. Оваа комбинација но и расположението со ветената милијарда , беше добитна комбинација за ВМРО-ДПМНЕ на Љубчо Георгивески и ДА на Циле.

Пропорционалниот модел со 6 изборни единици, со по 20 пратеници е воведен во 2002 година, а од тогаш по овој модел на шест изборни циклуси избираме пратеници.

Негативоста на овој изборен модел е што политичките гиганти, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со овој изборен модел ги собираше под своја капа сите мали политички партии, често и оние кои се човек партија и се создаваа неприродни коалиции. Пред секои избори исти слики од штабовите на водачите на коалицијата. Околу лидерот се сликаат по 30-тина политички лидери чии партии често се само на хартија, но ова е потребно за да се убедуваат граѓаните во силината и моќта, а тие партии-човек влегуваа во Собранието и се пазарат за поделбата на изборниот колач, иако нивната реална моќ и влијание се многу мали или никакви. Неколкуте обиди, тие сами да излезат на избори, се покажаа неуспешни.

Класичен беше примерот со ЛДП, која во 2011 не успеа во ниту една изборна единица да добие пратеник, но затоа пак самостојниот настап на НСДП и отцепување од прегратката на СДСМ во 2006 и освоените мандати му овозможи на Груевски да формира Влада.

Македонија сега има полупропорционален изборен модел. Пропорционален е по начинот на гласање и по пресметување по таканареченaта донтонова формула, но се гласа во шест изборни единици, што значи дека може да се случи една партија да добие повеќе гласови од друга, но да не добие ниту еден пратеник, поради одлевање на гласови и „лоша„ распределба по целата држава, наместо концентрација на гласови во една изборна единица. Со овој модел, граѓаните бираат според она што им го „сервираат“ партиите, не можат да ги избираат најдобрите кандидати, туку се изјаснуваат за целата листа, добитни се местата на кандидатите на погорниот дел од листата.

Тие се често најлојалните на лидерот, иако понекогаш без квалитет или рејтинг кај граѓаните. Тука стапуваат и помалите партии, кои без никаква поддршка, неправедно, само за коалицискиот мир, добиваат високи добитни места, што создава револт во поголемите партии.

Пропорционален изборен модел со една изборна единица ќе ги мотивира помалите и етничките партии, да се борат со квалитетен кадар да го минат изборниот праг и да влезат како пратеници, а не да котираат на нечија листа, Дури по изборите можат да се договараат за коалиции. Но на овој начин политичката и медиумска сцена ќе се исчисти од таканаречените партии и „независни“ експерти, кои, бидејќи не освоиле поддршка, ќе немаат право да кројат политики со поддршка на „сестринската“ партија од која ќе добиваат средства или некое директорско место или место во некој Управен одбор, и кои главно заживуваат во предизборен период.

Политичките партии, иако главно излегуваат со силна поддршка, внатрешо не се подготвени за ефикасно демократизирање и професионализирање. Затоа и до сега само се дебатира, а не се направи сериозен обид да се воведе пропорционален систем со една изборна единица и отворени листи.

Со отворени листи изборите би добиле поголем легитимитет, и резултатите од изборите би биле многу поблиску до реалната волја на граѓаните, Граѓаните ќе можат да вршат сопствена селекција и рангирање на кандидатите предложени во кандидатските листи на политичките партии.

Освен што ќе гласаат за листата, гласачите ќе можат од неа да изберат и да заокружат кандидати за кои сметаат дека се најчесни, најугледни и најдобро ќе ги зстапуваат нивните интереси.

Пропорционалниот модел со отворени листи многу повеќе би ги мотивирал граѓаните да излезат на гласање. Моделот со затворени листи демотивира, бидејќи заштитува лидери и нивни блиски и лојални кои се поврзани со криминални или финансиски афери.

Иако сето ова наштетува на демократијата и владеење на правото, кај нас политичките елити, доколку навистина сакаат најдобар и најрепрезентативен изборен модел кој ќе донесе квалитетен Парламент, разговорите, дебатите и промената на изборниот модел треба да ги започне на почетокот на добиениот мандат. Вака, и од власта и од опозицијата, се работи само за политика и глумење демократија во интерес на граѓаните.

Би можело да ве интересира

СДСМ: Ја слушнавме пораката од граѓаните и ја прифаќаме, ќе продолжиме да се бориме

ВМРО-ДПМНЕ: Народот сака промени, тоа го покажуваат 180 илјади гласа предност на Сиљановска пред Пендаровски

Катерина Ѓуровски

Ковачевски: Изборите на 8 мај ќе бидат тешки, СДСМ нема да се откаже од европската иднина на државата

Предраг Петровиќ

Груби со куфер пред Општина Чаир побара оставка од албанската опозиција

Пендаровски: Резултатите не се како што очекувавме, веројатно разликата ќе биде околу 130 илјади гласови

Александар Тодески

Османи: Европскиот фронт ја победи коалицијата Вреди со над 40.000 гласа, волјата на граѓаните е јасна и треба да се почитува