„Го повикувам обвинителството јавно да обзнани барем еден доказ со кој се поткрепува информацијата, од службената белешка на МВР, дека Чавков поседува вила на Халкидики и дека планирал бегство. Верувам дека оваа белешка е измислена под притисок и закани од нарачателите и дека ќе се разоткријат истите. За овој случај ќе бидат известени сите меѓународни субјекти, сите амбасади“, напиша ќерката на Митко Чавков кој од вчера се наоѓа истражниот затвор во Шуто Оризари
Судот на Чавков му одреди притвор поради тоа што до Обвинителството за организиран криминал и корупција стигнале оперативни податоци од полицијата дека планира да бега.
Во петок, на Чавков треба да му биде соопштена пресудата за настаните од 27 април и му се заканува минимална казна затвор од 10 години.
– По добиени сознанија и поради страв дека обвинетиот ќе се даде во бегство и ќе се крие со цел да ја избегне кривичната одговорност, обвинителството побара од Основниот суд Скопје 1 – Скопје да му биде определена мерка притвор.
Обвинетиот е дел од предметот што се води за настаните во Собранието од 27 април 2017 година, за кој главната расправа е завршена и е закажано рочиште за објавување на пресудата, посочуваат од обвинителството.