Жалбата на Јанкулоска го одложи одлучувањето на Врховен за затворот на Груевски

Од:

Врховниот суд втор месец не може да одлучува по жалбата на осудениот бегалец, Никола Груевски, бидејќи списите за предметот „Тенк“, во раздвоената постапка за ексминистерката Гордана Јанкулоска се доставени на одлучување во Апелациониот суд, потврдија од кривичниот суд.

Тоа значи дека додека скопска Апелација не одлучи за жалбaтa на Јанкулоска, врховните судии не ќе можат да одлучуваат за барањето на Груевски за вонредно преиспитување на пресудата.

Апелациониот суд на 19.10.2018 година ја доставил правосилната пресуда за случајот „Тенк“ за експрмиерот и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, до Основниот суд Скопје 1.

„На 16.11.2018 година како суд го известивме Врховниот суд на Р. Македонија дека првостепениот суд се` уште постапува по истиот предмет и тоа по изјавен редовен правен лек – жалба, поднесена од обвинетата Г. Ј. на која ѝ се суди во раздвоена постапка“, велат од Кривичен.

Според образложението на судот, приоритет има редовниот правен лек наспроти вонредниот и предметот од раздвоената постапка заедно со списите од конкретниот предмет се доставени по жалба на надлежно одлучување во Апелациониот суд во Скопје на 19.11.2018 год.

Судот го известил Врховниот суд дека може да достави и фотокопии од предметот со што побрзо би се создале услови за постапување и по вонредниот правен лек, но до овој момент нема повратен одговор.

Од судот велат дека веднаш штом списите од предметот се вратат во судот, тој ќе биде доставен на надлежно постапување по вонредениот правен лек до Врховниот суд.

Некои од адвокатите кои го бранеа Груевски во овој предмет рекоа дека станува збор за раздвоени постапки со решенија на првостепениот суд и дека не е оправдување тоа што списите за предметот се во Апелациониот суд на одлучување. На тој начин, велат тие, му се повредува правото на осудениот за навремено одлучување по вонредниот правен лек до највисокиот суд.

Апелациониот суд во октомври 2018 година објави дека ја потврдил првостепената пресуда за Груевски за противзаконито влијание за набавка на екстралуксузниот „мерцедес“. Неколку дена подоцна судијката Добрила Кацарска ја осуди ексиминистерката Гордана Јанкулоска на казна затвор од 6 години за злоупотреба на службената положба и овластување за набавката на истото возило.

Скопска Апелација сè уште не закажала седница за да одлучува за жалбата на Јанкулоска.

Васко Маглешов

Би можело да ве интересира

ССМ бара оставка од тројцата судии што ја донеле одлуката за одземање на зградата, најавуваат постапка и пред Судскиот совет

Врховен ги одби како неосновани барањата за преиспитување на пресудата за „Титаник“

Груевски: Македонија станува протекторат, народот прави црни листи на избори, а не други држави

Адеми останува на функција: Не помина барањето на Миљазим Мустафа за разрешување на претседателката на Врховен

Александар Тодески

Судски совет одлучува дали Адеми ќе биде разрешена: Барањето за доработка на извештајот не помина

Александар Тодески

Заврши расправата во Судски совет, дополнително ќе се одлучува дали има одговорност на Адеми или не

Александар Тодески