Земјиштето кај „Холидеј ин“ не морало да се продава

Од:

Министерството за транспорт и врски како објаснување за продажбата на паркингот спроти „Холидеј ин“ објасни дека немале избор, односно дека законски морало да му го продаде земјиштето на приватниот инвеститор зашто тој веќе поседувал 30 отсто од парцелата. Но, во Законот за градежно земјиште, на кој се повикуваат надлежните од Министерството, не го пишува тоа. Стои само зборот „може“ и никаде нема „мора“ или некој сличен термин што би значел дека тоа е апсолутна обврска, пишува „Призма“.

Во членот 15 се вели дека државата може да отуѓува земјиште во нејзина сопственост со јавно наддавање или со непосредни спогодби ако на местото не е предвиден објект од јавен интерес, а подолу е опишано кога е тоа дозволено на едниот, а кога на другиот начин.

Во Министерството поинаку го толкуваат законот и велат дека зборот „може“ е содржан само во првиот став од членот 15, а не и подолу во текстот. Оттаму додаваат дека во истиот член е наведено дека со непосредна спогодба, градежното земјиште во сопственост на Република Македонија се отуѓува за оформување градежна парцела предвидена со урбанистички план или урбанистичка планска документација доколку лицето има во сопственост повеќе од 30 отсто од градежната парцела. Тие се повикуваат и на членот 65, каде што се вели дека продажбите на овој начин се вршат по барање на физички или на правни лица.

„Земајќи ги предвид начелата на управната постапка и одредбите на Законот за градежно земјиште во целост, не станува збор за суверено право на надлежниот орган да одлучи дали ќе се уважи барањето или не. Во ситуација кога барателот ги исполнува условите, надлежниот орган е обврзан да го уважи барањето во случај кога се исполнети законските услови во целост“, се вели во писмениот одговор доставен до БИРН.

Одредбата според која некој може да го докупи државното земјиште околу неговиот имот со директна спогодба, со цена утврдена од владата, е предвидено затоа што често постојат несовпаѓања меѓу градежните и катастарските парцели, што им предизвикува проблеми на многу граѓани.

За еден сопственик да добие градежна дозвола мора да ја поседува целата градежна парцела, па затоа е овозможено ако поседува над 30 проценти, да може да го откупи остатокот од државата по непазарни услови. Оваа одредба, освен што служи за да им реши практични проблеми на граѓаните, се користи и за присвојување државно земјиште, кога некој ќе купи некои имоти, општината околу нив ќе нацрта градежна парцела поголема за 70 отсто (на сметка на јавниот простор) и така тој ќе стекне право да си го откупи и државниот дел, обично по многу пониска цена од пазарната. На сличен начин беа оформени градежните парцели за хотелот „Мериот“ и за палатата „Христо Татарчев“.

Згора на сѐ, проблематично во овој случај е дека било оценето дека парцелата може да се продаде затоа што на неа не е предвидено да се гради објект од јавен интерес.

„Намената на градежното земјиште се утврдува врз основа на извод од урбанистички план издаден од надлежен орган, во конкретниот случај од Општина Центар. Во издадениот извод од урбанистичкиот план е утврдена намена на градежното земјиште, која не претставува јавен интерес“, додаваат од Министерството во одговорот на прашањата на БИРН.

Јавниот градски превоз е прашање на јавен интерес, а во законот се вели дека кога има објект од јавен интерес, за продажбата е потребна одлука на Владата, а не на Министерството. Законодавецот напишал дека објектот дури не мора да постои, доволно е да биде предвиден со постојните планови.

Прашани за ваквата одредба, од Министерството велат дека добиле светло и од Државното правобранителство, кое како институција е задолжено да се грижи државата да не биде оштетена кога склучува договори со приватни лица во врска со продажба или користење на државниот имот.

Во одлуката на Државното правобранителство се вели дека „нема правни пречки да се изврши продажбата“.

Ниту Министерството, ниту министерот Горан Сугарески, во досегашните објаснувања околу оваа продажба не ја споменале подземната трамвајска траса. Нема одговор ниту од градот Скопје, во чија надлежност е таа траса, за тоа дали биле консултирани за оваа продажба.

Извор: „Призма

Би можело да ве интересира

Си оградил државно земјиште на Бит Пазар и си наплаќал паркинг – доби кривична

Министерството за транспорт и врски со реакција на прес-конференцијата на Град Скопје

Предраг Петровиќ

Бесплатно паркирање на дел од паркинзите во Скопје за Велигденските празници

Ана Ололовска

Велешанката со инвалидитет која плати казна за паркирање на место за инвалиди: Добив извинување, ама ќе се жалам

Орце Костов

По објавата на „А1он“: Превозниците кои плаќаа казни за лиценца која не постои повикани на средби во економија и транспорт и врски

Орце Костов

Тепачка во Аеродром за паркинг