Здружението ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД реагираше дека интегрираната дозвола на цементарницата Усје не ги покрива сите загадувачки материи кои се задолжителни според европските стандарди и дека Министерството за животна средина има право да иницира измена на дозволата по службена должност.
Според реакцијата на здружението, Усје моментално континуирано мери само прашина, азотни оксиди и сулфур диоксид, додека европските стандарди за цементарници предвидуваат и мерења на хлороводород (HCl), флуороводород (HF), вкупен органски јаглерод (TOC), тешки метали како живо, кадмиум, олово, хром, никел и други, како и диоксини и фурани. Овие мерки се задолжителни без оглед на видот на користеното гориво.
Здружението посочува дека интегрираната дозвола на Усје не е усогласена ниту со Најдобрите достапни техники на ЕУ од 2013 година, ниту со македонското Секторско упатство за најдобри достапни техники од 2007 година. Иако националното упатство не е целосно усогласено со европските стандарди, Усје не ги спроведува ниту препораките од него.
Во упатството се наведува дека сите процеси во производството на цемент предизвикуваат емисии во воздух и почва, вклучувајќи цврсти честички, оксиди на сулфур, азот и јаглерод, испарливи органски соединенија, метали, халогени, диоксини и фурани, како и бучава, вибрации и мирис. За намалување на емисиите, се препорачува употреба на течно или гасовито гориво со ниска содржина на азот и сулфур, додека петрол коксот кој се користи во Усје е цврсто гориво со висок процент на овие супстанции.
За нови инсталации, емисијата на азот се препорачува да биде до 500 мг/м³, а за постоечки како Усје – до 800 мг/м³. Здружението посочува дека ова е компромисно решение помеѓу здравствените стандарди и економските интереси, но дека индустријата секогаш придонесува за загадување.
Министерството за животна средина, според законот, може да побара измена на дозволата без да се чека рокот за обновување, што е предвиден за март годинава.